Линкови за пристапност

Младите од социјалните мрежи - за социјалните случаи


Хуманата иницијатива на младите твитерџии која веќе една година е „излезена“ на терен, меѓу бездомниците и општествено маргинализираните, егзистенцијално загрозени групи, ја прифаќаат и дел од бизнисмените

„Идејата за ‘ретвитни оброк’ ја поттикнаа сите оние објавени, споделени, ‘лајкувани’ фотографии на храна на социјалните мрежи. Едноставно, посакавме тоа споделување да не биде само виртуелно, туку да се случи и во реалноста, која, за жал, е сурова за повеќе стотици Македонци. Оттогаш, да ‘ретвитнеш оброк’, значи, не само да зготвиш, да сликнеш и да споделиш на социјалните мрежи,туку тој оброк да заврши кај некого, кому навистина му е потребен“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, Мила Тасевска, волонтерка, една од членките на неформалната група млади луѓе кои им помагаат на бездомниците и на лицата на кои им е потребна помош во храна и облека во Скопје, и директна учесничка на хуманата акција, во која, твитерџии, волонтери и граѓански активисти, и самите готват јадења, за да им помогнат на оние на кои тоа им е неопходно.

Во текот на викендите, бездомниците, но и сé побројните припадници на, за жал, во македонското општество, крајно маргинализираните, социјално загрозени групи, не добиваат храна од здруженијата и хуманите луѓе, зашто, медиумите наведоа дека и „народните кујни“ работат само во работни денови. Според приказната која се прошири на социјалните мрежи, и која веќе стана „урбана легенда“, млади луѓе резигнирани од количеството храна која се фрла од домовите, на Твитер, започнале иницијатива, да се „направи ретвит-оброк“, односно, наместо да се фрлаат, оброците да се споделуваат со оние кои ги немаат. Така е покрената иницијативата „#РетвитниОброк, нерегистрирана група граѓани, кои заедно готват веќе една година и чија основна идеја е луѓето да донираат, пред се, храна, па оброците ги преферираат и пред евентуалните парични прилози

На почетокот на акцијата, активистите готвеле во сопствените домови, а откако почнале да соработуваат со здружението „Љубезност“, кое имало хуманитарната иницијатива за помош на бездомниците уште во 2013 година, преку проектот „Вистински дела на љубезност“, повторно неформално, се собира облека, обувки и дрва за огрев за социјалните случаи низ во Македонија. Освен тоа, во акциите кои се одвиваат секоја сабота зад Спомен-куќата на Мајка Тереза во центарот на Скопје, се дели зготвената и обезбедена храна. Иако тврдат дека нема надредени, ниту задолжени за организација, туку дека само меѓусебно се координираат, младите луѓе редовно готват оборци, секој петок, во простории на една невладина организација или на една црква која им ја отстапува кујната.

„За мене, целата иницијатива преставува голема радост, бидејќи на крајот на денот знам дека е задоволена нечија базична потреба за живот, дека некој чувствува задоволство од тоа што ние го правиме секоја сабота. Лично мислам дека ако секој, на каков било начин, еднаш се вклучи и даде придонес во оваа прекрасна иницијатива, тешко дека ќе прекине да го прави тоа. Многу ми е драго што „Ретвитни оброк’ прерасна во иницијатива која докажа дека преку социјалните мрежи, навистина може да се помогне. Докажавме дека дури и општествените проблеми од многу широки размери, како што се гладот и сиромаштијата, можат - ако не да се решат - барем да се ублажат со обичен човечки гест. Паѓа во вода мислењето дека човекот како поединец не може да придонесе за општото добро. Нашето движење почна токму така, од еден твит, од еден споделен оброк. И растеше и допрва ќе расте и, се надевам, ќе поттикне промени и од институционален карактер. Ние сме сведоци дека ако се сака – сé се може! Затоа, би биле најсреќни на светот, ако во акцијава се вклучат што повеќе фирми, ресторани, маркети кои се уште помоќни и уште полесно би ги задоволиле потребите на оние кои не можат да си дозволат редовен оброк. Знаете, она што за нив е малку, за некого е многу. И тоа веќе се случува, ‘Ретвитни оброк’ веќе доби истомисленици во неколку ресторани и фирми и пресреќни сме што можеме да констатираме дека свеста се менува. Едноставно, некои стереотипи мора да се надминат за, како што се вели, крајот да биде посреќен“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, волонтерката Тасевска.

А дека приказната може да има вистински хепиенд, најавуваат и сличните иницијативи, во бизнис секторот. Одделни фирми почнале да донираат продукти, остатоци од сервирана храна од кетеринзи на разни настани и свадби, која активистите потоа ја пакуваат и им ја делат на бездомниците.

Еден од познатите скопски ресторани, како општествено одговорна фирма, ја започна пред десетина денови, акцијата „Твоето малку е многу“, за обезбедување на достоен оброк за секого, како проект за помош на социјално загрозените категории на граѓани.

​„Преку овој проект сакаме да го олесниме секојдневието на социјално загрозените категории на граѓани со тоа што ќе се погрижиме овие луѓе да почувствуваат грижа за нив, секојдневно да уживаат во барем еден достоен топол оброк, подготвен од најдобрите готвачи во Македонија и сервиран од професионален персонал. Нашата мисија и цел, покрај општествената одговорност, е да се мотивираат и останатите компании, организации и граѓани да бидат дел од оваа приказна и да помогнат според своите можности преку разни акции и кампањи кои ќе следат во иднина“, соопштија иницијаторите на проектот „Твоето малку е многу“. Во иницијативата и во проекто, активно се вклучила и една агенција за односи со јавност и комуникациски консалтинг, според која, најголем мотив да станат дел од приказната им била „желбата да се биде општествено одговорен“, како и канцеларија на една меѓународната хуманитарна организација во Македонија

Според Црвениот крст на Македонија, на скопските улици во моментов се наоѓаат 146 лица, бројка која можеби не е преголема за град од неколку стотини илјади жители, но пред само 6 години, бројката на бездомници била само околу 40. Медиумите истакнуваат дека причините за зголемување на бројот на бездомници се невработеноста, сиромаштијата, нарушените семејни односи, алкохолизмот, зависноста од дроги, нарушеното психичко здравје... Во Пунктот за бездомници во едно скопско предградие, наменет за оваа категорија граѓани, два пати неделно им се обезбедува хигиенска и медицинска грижа и соработка со социјални работници и психолози. Пунктот има и објект со 16 кревети, наменет за бездомниците во зимскиот период.

XS
SM
MD
LG