Линкови за пристапност

Митевска: Со напорна работа може и да се лета


Параглајдеристка од Скопје, беше една од 16-те девојки од цел свет на програма во САД, со цел унапредување на лидерски вештини кај жените преку спортот

Силвија Митевска е една од 16-те девојки од цел свет, кои деновиве во САД учествуваа на програма чија цел е подобрување на лидерските вештини на жените преку спортот.

Митевска е параглајдеристка од Скопје, според која, спортот учи на самодисциплина, организираност, истрајност и на посветеност.

По пет недели во Њујорк, се чувствува подготвена да организира најголема конференција во регионот за поддршка на жените - спортистки.

Убедена сум дека спортот игра значајна улога, особено во раната возраст, бидејќи девојчињата кои играат спорт, особено тимски спорт, знаат да поднесат пораз и да бидат истрајни за да стигнат до некоја победа“, вели Митевска за Гласот на Америка.

Но не само тоа. Митевска вели преку дружење со другите учеснички, меѓу кои и жени од Националната кошаркарска лига, Дизни и од Гугл, сфатила дека спортот има голема улога во промовирањето на важни општествени вредности.

„Работевме на акциски план со цел да се зајакнат жените преку спортски активности, меѓутоа и да се промовира родова еднаквост преку спорт“, открива таа.

Митевска веќе работи на истражување што ќе ја покаже сликата за Македонија каде практично нема, вели таа, жени на раководни позиции во спортот. За оваа ситуација да се промени потребна е поголема поддршка од државата која сега, според неа, недостига.

„Би сакала да видам поголема соработка меѓу институциите со федерациите и спортските клубови, бидејќи тие се оние кои ги обучуваат спортистите“, смета таа.

Митевска, која е авторка и на книгата „Кога Данте спие“, ги советува младите спортистки да веруваат во резултатите.

„Не треба никогаш да се откажеме дури и од најголемите соништа, колку и да излегледаат нереални. Со страст и напорна работа може да се постигне се`, дури и да се лета“, убедена е Митевска.

Програмата е поддржана од Стејт департментот, а ја иницирала поранешната државна секретарка Хилари Клинтон.

Повеќе коментари

XS
SM
MD
LG