Линкови за пристапност

Репортери без граници загрижена за слободата на медиумите во Македонија

  • Борјан Јовановски

Земјата влезена во турбуленција на која не и` се гледа крајот, смета меѓународната организација.

„Една година по шок-брановите од затворањето на опозиционата А1 телевизија и неколку водечки национални дневни весници, Репортери без граници ја повторува длабоката загриженост за слободата на информирањето во Македонија“, се вели во најновото соопштение на оваа меѓународна организација.

Според неа, земјата е влезена во турбуленција на која не и` се гледа крајот. „Медиумскиот простор е означен од појавување и исчезнување на весниите што воопшто нема врска со потребите на пазарот“, се вели во соопштението, во кое се потенцира и дека “новинарите и натаму работат во услови на економска несигурност и поларизирани медиуми што се финансираат од нејасни извори“.

Извештајот на Репортери без граници изразува загриженост за слободата медиумите во Македонија поради најновите случувања - декриминализацијата на клеветата и одлуката на Советот за радиодифузија за одземање на концесијата на Телевизијата А2, кои, оценува организацијата, се случуваат во време на се почести пораки на омрза и растечка напнатост меѓу заедниците на
Македонците и Албанците.

Коментирајќи ја декриминилизацијата на клеветата, во извештајот се наведува дека според предлог-законот, клеветата повеќе нема да биде кривично дело казниво со затвор и со објавувањето на извинување или демант. Казните ќе изнесуваат 2.000 евра за новинари кои напишале навреда, 10.000 евра за уредникот кој ја објавил и 15.000 евра за сопственикот на медиумот. Репортери без граници оцеднува дека казните се превисоки и го повикува Советот на Европа да побара од Македонија да обезбеди „казните да бидат пропорционални на платежните способности на новинарите и медиумите“.

„Иако ја поздравуваме промоцијата на нацрт-законот за медиумска саморегулација и фактот дека казните се замислени само како последна опција, меѓународните принципи на кои Македонија се има обврзано се` уште не се преточени во националното законодавство“, смета меѓународната организација.

Што се однесува до одземањето на концесијата на А2 телевизијата, Репортери без граници се огласија со експлицитна осуда.

„Причината за одземање на лиценцата на А2 дадена од страна на Советот за радиодифузија е апсурдна и нечесна“, тврди Репортери без граници. Образложението за недоволно емитување програма, според Репортери, само ги засилува сомневањата во независноста на Советот кој беше ставен под контрола на владата со реформите во јули 2011-та.

Слободата на медиумите во Македонија во изминативе две години е под опсервација на повеке меѓународни организации. ЕУ и САД во свои извештаи изразија загриженост за состојбата во оваа сфера.
XS
SM
MD
LG