Линкови за пристапност

Нов проблем во коалицијата ВМРО-ДПМНЕ - ДУИ


Дали контроверзата со преименување на основни училишта во Чаир ќе ја продлабочи кризата во владината коалиција?
Дали контроверзата со преименување на основни училишта во Чаир ќе ја продлабочи кризата во владината коалиција?

Скопската општина Чаир ги смени имињата на четири основни училишта без дозвола на Министерството за образование и наука.

Како што и беше најавувано во изјавите на кадрите на владејачката ДУИ во локалната власт, на ѕидовите на училиштата „Рајко Жинзифов“, „Цветан Димов“, „Јане Сандански“ и „Никола Вапцаров“, денес биле поставени табли со новите имиња на личности од минатото на етничките Албанци: „Исмаил Ќемали“, „Хасан Приштина“ „Јашар-бег“ и „Имри Елези“.

Иако Музафер Реџепи, одговорниот за образование во општината Чаир, за порталот “Порталб“ преименувањето првично го најави за официјалниот почеток на новата учебна година, в понеделник, таблите беа поставени уште денес,

Вчера, министерот за образование и наука Панче Kралев, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, потенцираше дека општината Чаир нема одобрение за менување на имињата на училиштата и дека одлуката на општинската власт е незаконска. Денес, по спроведувањето на одлуката во дело, градоначалникот на Чаир Изет Меџити не даде изјава за случајот, повикувајќи се на своите поранешни изјави дека училиштата добиваат нови имиња по барање на родителите на учениците Албанци.

Министерот Кралев пак, потенцираше дека во случај на поставување на новите табли спротивно на законот, ќе има парични казни за одговорните, согласно законските прописи, а директорот на Инспекторатот за локална самоуправа Ванчо Шехтански најавуваше дека е можна и интервенција на полицијата, зашто одлуката на Советот на Општина Чаир за промена на имињата на училиштата е поништена од Инспекторатот, што е и објавено во „Службен весник“.

Медиумите на македонски јазик, кои ги објавија снимките и фотографиите со поставените табли со новите имиња на училиштата, најавија дека се очекува на терен да излезат и инспекторите на Државниот просветен инспекторат.

Во медиумите се појвија и првични коментари дека одлуката на локалните власти во општината Чаир, особено во периодов на заострена реторика меѓу двете владејачки партии поради полагањето цвеќе на споменикот на припадниците на ОНА во Слупчане од страна на министерот за одбрана Фатмир Бесими и поднесувањето на предлогот на парламентарната група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието за закон за правата на бранителите од конфликтот во 2001-ва, со кој не се опфатени и правата на припадниците на ОНА, само дополнително ќе ја продлабочи кризата во владината коалиција. Ова особено затоа што и премиерот Никола Груевски е на турнеја за привлекување на инвестиции во САД и Канада, а причините за последните вербални престрелки на меѓуетнички план, обидите за освојување на поени во сопствениот национален електорат, и најавите за можен распад на владината коалиција, за евентуално ново парламентарно мнозинство или за предвремени парламентарни избори – се се` уште актуелни.
XS
SM
MD
LG