Линкови за пристапност

Молитва за Курбан Бајрам во Транзитниот камп

  • Синиша Станковиќ

Волонтерите им организираа одбележување на муслиманскиот празник на мигрантите и бегалците во Гевгелија

„Ова е веќе втор Бајрам кој се трудиме да им го олесниме на бегалците кои транзитираат низ Македонија“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, хуманитарката и волонтерка Мерсиха Смајловиќ, од невладината организација „Легис“, која од почетокот на бегалската криза во Македонија, со месеци наназад, секојдневно работи на терен и се обидува да им помогне на мигрантите и бегалците

„И на минатото одбележување на Бајрам на железничката станица во Гевгелија, се обидовме да им овозможиме чествување на празникот со делење на бајрамски пакетчиња. И овој пат по повод празникот Курбан Бајрам, сакавме да им помогнеме на оние бегалци кои се верници, а во моменот на празникот се наоѓаат на територијата на Македонија. Ги повикавме граѓаните да ни помогнат и одзивот беше извонреден. Граѓаните донираа средства на нашата жиро-сметка, со која купоивме скромни подароци за пакетчињата на верниците и нивните деца, но и храна и играчки за децата. Во акцијата се вклучија и бизнисмените, особено оние чии фирми произведуваат чоколадо, бомбони, сокови, вода и ’грицки’ за децата. Особено сакам да го истакнам ангажманот на младите, на средношколците од скопското средно училиште ’Цветан Димов’ кои сесрдно ни помогнаа во пакувањто на пакетчињата, во кои имаше различни играчки за машките и за женските деца од бегалскиот камп“, ни изјави Смаиловиќ.

Организацијата „Легис“ го споведе доставувањето на подароците до мигрантите и бегалците вчера наспроти празникот и денес, на самиот Курбан Бајрам (Eid al Adha), празникот на жртвувањето кај муслиманите. Во разговорот таа ни истакна дека вчеравечер, нивните волонтери на децата на бегалците им делеле балони со пораки на арапски и како и суви колачиња и за возрасните во кампот, кои потоа го продолжиле патот кон Србија.

„Утрово, откако добивме дозвола од Цетарот за управување со кризи и од МВР, официјално лице од Ислмаската верска заедница на Македонија ја одржа утринската молитва Сабах намаз и потоа и молитвата Бајрам намаз, на која се молеа и верниците - бегалци и мигранти, и дел од нашите активисти и волонтери. Потоа, имавме и баклава како традиционален десерт за празникот. Целиот настан беше исполнет со емоции, зашто Курбан Бајрам е празник кога треба да си со семејството, и да споделуваш со оние кои се посромашни од тебе, а луѓето во кампот, главно оставиле се зад себе во потрага по поинаков и посреќен живот, и пред нив се многу неизвесности“, ја отслика Смајловиќ, за Гласот на Америка на македонски јазик, атмосферата во Транзитиот камп во Гевгелија за време на празникот.

Инаку, според евиденцијата на Меѓународниот Црвен крст и на невладините организации, и деновиве, од кампот во Гевгелија кон Табановце, заминуваат во просек по 3-4.000 мигранти дневно, со трите специјални возови и со организираните автобуси, и со такси возилата. Според МВР, од почеткокот на бегалската криза досега, се издадени потврди на вкупно 92.758 мигранти кои транзитирале низ Македонија, од кои 61.732 се мажи, 12.608 жени, 15.460 деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и 2.958 деца кои патуваат без родител.

Македонските медиуми денес објавија дека Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации ќе отвори камп со илјада кревети и друга неопходна опрема, на границата меѓу Грција и Македонија, во близина на Идомени, кој треба да биде привремено засолниште за бегалците од Азија и Африка, на нивниот пат кон Западна Европа.

XS
SM
MD
LG