Линкови за пристапност

Започна кампањата за референдум за заштита на ГТЦ

  • Борјан Јовановски

Граѓаните на Општина Центар ќе одговорат дали сте за зачувување на автентичниот изглед на фасадата на објектот

Започна кампањата за референдумот чијашто цел е да се заштити автентичната фасада на објектот на Градскиот трговски центар (ГТЦ). Референдумот произлезе како резултат на граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“, организатор на промотивниот настан вчеравечер пред платото на ГТЦ. Гласањето на граѓаните од Општината Центар на чијашто територија се наоѓа објектот е планирано за 26-ти април.

„Ваквиот ГТЦ не е носталгија, туку наше секојдневие, навика, место за прошетка за средби со пријателите, но и центарска приказна која никој нема право да ја менува“, порача вчеравечер новинарот и филмски критичар Влатко Галевски, водителот на промотивната вечер со којашто граѓанската иницијатива официјално ја започна широката граѓанска кампања „Излези за ГТЦ“.

Оваа иницијатива доби поддршка и од Асоцијацијата на архитектите на Македонија. Таа истапи со ставот дека за архитектурата треба да одлучуваат самите архитекти.

„Идејното решение на Градскиот Трговски Центар е второнаградено на меѓународен конкурс и дури и денес, во 21-от век, е со актуелна и современа архитектура. Токму од тие причини повикуваме граѓаните на 26-ти април да излезат и да гласаат за задржување на автентичниот изглед на ГТЦ, со што би покажале дека умеат да ценат и препознаат вистински квалитет“, изјави претседателката на Асоцијацијата Сања Раџеновиќ.

Граѓаните на Општина Центар на референдумот ќе одговорат на прашањето: „Дали сте за зачувување на автентичниот изглед на фасадата на ГТЦ?“. Референдумското изјаснување ќе трае од 07:00 часот наутро па се до 19:00 попладне, а право да гласа има секој жител на оваа скопска општина, впишан во Избирачкиот список.

XS
SM
MD
LG