Линкови за пристапност

Голем тест за Македонија

  • Синиша Станковиќ

Бројни реакции на акцијата „Пуч“

По ненадејното обраќање на премиерот Никола Груевски во саботата, кога тој го обвини лидерот на опозицијата Зоран Заев дека го уценувал со барање за формирање на техничка влада, за да не објави компромитирачки материјали за државниот врв, добиени наводно од странска разузнавачка служба, не стивнуваат реакциите.

Во соопштението на Амбасадата на САД се вели дека со загриженост се следи кривичниот случај против лидерот на опозицијата Заев, и апсењето на три други лица за наводен обид за загрозување на уставниот поредок. Амабасадата во соопштението ги повика македонските власти „да ги задоволат највисоките стандарди на правната држава, транспарентноста, принципиелноста, заштитата на слободата на говорот, како и судската независност во текот на процесот, за да се осигура интегритетот на демократските процеси во Македонија“.

Во првата реакција на Еропската унија во саботата, во врска со најновиот развој на состојбите во Македонија, портпаролката на ЕУ, Маја Коцијанчиќ од властите во Македонија побара почитување на принципот на презумпцијата на невиност: „Ова се многу сериозни обвинувања и ние повикуваме на неотуѓивото право за независна и транспарентна истрага, за да се избегне секакво погрешно работење, со целосно почитување на правата на обвинетите во согласност со законот и меѓународните стандарди, вклучувајќи го и принципот на презумпција на невиност“, порачува ЕУ.

Откако во дел од проопозиционите медиуми во Македонија, ваквата изјава беше критикувана како недоволно ангажирана во поглед на сериозната ситуација во земјата, денес ЕК имаше нова реакција, во која се потенцира дека загриженоста за ситуацијата во Македонија станува се поголема.

“Комисијата не коментира истраги кои се во тек. Сепак, ЕУ е јасна – а тоа го искажавме и во нашата изјава во саботата – врз кои принципи треба да се води криминалната истрага.... Според ЕК, „начинот на кој настаните од овој викенд беа водени и недостигот на избалансирано медиумско покривање уште повеќе ја зајакнуваат загриженоста. Да потсетиме исто така дека загриженоста беше изразена и во извештајот за напредок од минатиот октомври околу зајакната политизација и перепција на селективна правда. Оттука, од голема важност е истрагата да биде водена на независен начин и транспарентно со целосно почитување на процесот и принципите на презумпција на невиност”, стои во изјавата на Европската комисија.

И амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав, кој денес имаше средба со осомничениот лидер на опозицијата, Заев, изјави дека интересот на Унијата за случајот „Пуч“ е голем бидејќи во него се инволвирани и премиерот и лидерот на опозицијата. Орав потенцирал и дека очекува неазвисно и транспарентно водење на судската постапката.

„Со оглед на високиот профил на овој потенцијален случај, со оглед на фактот што оваа земја е кандидатка за членство во ЕУ, ние посветуваме големо внимание на овој потенцијален случај и ние ќе го следиме многу сериозно. Тоа ќе биде голем тест за државните институции. Тоа ќе биде голем тест за медиумите и за земјата. Можам само да се повикам на соопштението од ЕУ во саботатата попладне, дека очекуваме независност и транспарентност при истрагата и во судската процедура“, изјавил Орав.

Српски медиуми ја пренесоа веста на руската агенција ТАС, според која официјална Москва се надева дека ќе биде спроведена темелна истрага за неуспешниот обид на државен удар во Македонија. Според соопштението на руското Министерство за надворешни работи, спроведувањето на темелна истрага во интерес на стабилноста и безбедноста во Македонија. Руското МНР ги повикало сите политички сили во Македонија да дејствуваат во согласност со Уставот и да ги решат проблемите со дијалог, зашто, „влошувањето на состојбата во пријателска Македонија може да предизвика опасна ескалација на етнички судири во земјата.

Германското Министерство за надворешни работи пак, смета дека со кривичното гонење на лидерот на опозицијата е доведено во прашање функционирањето на демократската опозиција. Германската дипломатија ги повикала македонските служби да ги испитаат сериозните обвинувања во фер и транспарентна постапка и во согласност со меѓународните стандарди, во кои значајна е пресумпцијата на невиност.

„Сојузната влада е многу загрижена за кривичното гонење на македонскиот лидер на опозицијата Зоран Заев и на уште три други лица поради наводен обид за државен удар. Функционирањето на демократската опозиција со ова е ставена под прашање... Независноста на судството и на органите на прогонот сега ќе бидат од најголема важност", пренесе скопски „Вест“ изјавата на портпарол на германското МНР.

Се огласи и британската амбасада во Скопје, според која, Обединетото кралство со загриженост ги примило информациите за покренувањето обвиненија против лидерот на опозицијата, и против три други лица. „Од основна важност е како и во секој судски случај, сите институции во Македонија да ги почитуваат принципите на владеење на правото, вклучително и презумпцијата на невиност, и да ги исполнат највисоките меѓународни стандарди во процесот“, се вели во соопштението, во кое се повикуваат политичките партии да направат се што можат за да се подобри состојбата во земјата.

XS
SM
MD
LG