Линкови за пристапност

Јавното обвинителство се огласи за аферата со прислушување

  • Соња Трајковска

За сите настани е поведена постапка, а надлежните обвинители ги преземаат сите потребни дејствија, според опширното писмено соопштение

По неколкумесечен молк, Јавното обвинителство денеска преку соопштение се огласи за тоа до каде е постапката со аферата со прислушување, материјали коишто опозицијата ги презентираше преку проектот „Вистината за Македонија“.

„Во медиумите и во изјавите на одредени лица се наведува дека надлежните јавни обвинителства не постапуваат, односно постапуваат селективно по предмети произлезени од прес-конференциите на СДСМ и објавени телефонски снимки. Преку ова известување повторно истакнуваме дека за сите настани е поведена постапка. Јавните обвинители од основните јавни обвинителства во чија надлежност се сите досега отворени предмети ги преземаат сите потребни дејствија за да се утврди постоењето на елементи на сторено кривично дело и да се лоцира евентуалната кривична одговорност и при тоа постапуваат апсолутно неселективно, стручно и професионално“, се наведува во писменото соопштение.

Според наводите, освен првите луѓе на опозицијата, биле испрашани и некои од функционерите вклучени во разговорите коишто имплицираат постоење на евентуално кривично дело, и притоа се споменуваат имињата на екс-директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков,и на неговиот заменик, Горан Груевски, раководни лица и бизнисмени и политичари, но не и на премиерот Никола Груевски, кон когошто опозицијата го впери прстот како директно одговорен за оваа наводна афера. За други случаи, пак, како што наведуваат од Обвинителството, „се прави увид во документација“.

„Во врска со наводното незаконито прислушување на лицата Зоран Заев, Радмила Шеќеринска, Тито Петковски, Андреј Жерновски, Оливер Спасовски и Стево Пендаровски отворен е предмет по кој активно постапува надлежен јавен обвинител, при што испитани се Зоран Заев, Радмила Шеќеринска, Тито Петковски, Оливер Спасовски и Стево Пендаровски како подносители на пријавите“, велат од Обвинителството, додавајќи дека е добиено „техничко мислење изготвено од страна на тројца професори од Факултетот за електротехника и информациски технологии Скопје, извршен е непосреден увид во службените простории каде што се спроведува посебната истражна мерка – Следење на комуникациите, а за констатираната состојба сочинет е записник, а од подносителот на пријавата побаран е оригиналниот медиум на кој биле снимени телефонските разговори кои се објавени на прес-конференциите“, но тој се` уште не бил доставен.

Под лупа на надлежното Јавно обвинителство се наводите од телефонски разговор помеѓу екс - министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и актуелниот министер за здравство Никола Тодоров, за наводното исклучување на лифтовите од зградите на гласачите од Општина Центар за време на локалните избори во 2013-та, а отворен е предмет и за наводите во телефонски разговор од јуни 2011-та година, помеѓу министерката за внатрешни Гордана Јанкуловска и шефот на Кабинет на премиерот Мартин Протуѓер, за наводно отпуштање од работа на поголем број лица вработени во МВР и во други државни органи поради „политичка неподобност“.

Протоѓер и Јанкулоска се предмет на истрага и за наводни злоупотреби со вработени во МВР коишто биле ангажирани во изборна кампања за потребите на ВМРО-ДПМНЕ, како и за наводни злоупотреби во Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР.

Јавното обвинителство ги проверува и обвинувањата за за исплата на парични средства за авионски превоз на лица кои доаѓале од Швајцарија и Италија на гласање, а во организација на една градежна компанија, но и снимките коишто се однесуваат на наводите за малтретирање на екс-министерот Љубе Бошкоски за време на неговото приведување. Обвинителството го истражува и случајот со уривањето на станбениот комплекс „Космос“ на Фијат Цаноски, и наводните закани кон директорот на фирмата „Илинден“, „за да запре со асфалтирање на улиците низ Охрид“.

Во денешното опширно писмено соопштение за наводните случаи поврзани со тнр. „бомби“ на Заев, Обвинителството тврди дека истраги се водат и за заканите кон вработените во „Македонски телеком“ и „Т-Мобиле Македонија“, за тоа како да гласаат на локалните избори во 2013-та, за притисоци кон осудени лица во затворот „Идризово“, да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ на истите избори, како и за наводната „сериозна закана“ од министерот Јанакиески до „извесен Саше“, „да го присили да им каже на 40 професионални војници како да го вршат избирачкото право за избор на градоначалник на општина Центар“.

Според денешните тврдења од Обвинителството, кривична истрага се води и за телефонските разговори помеѓу лидерот на ДПА, Мендух Тачи и членот на ДИК, Бедредин Ибраими, за наводен договор, Ибраими „да гласа за поништување на гласањето во 2013-та година на избирачки места во Општина Струмица, а како против-услуга членовите на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ, да гласаат за поништување на гласањето на избирачки места во Општина Чаир“.

Во тек се истраги и за разговорите помеѓу Сашо Мијалков и Миле Јанакиески, во кои наводно договараат да се озвучи лице коешто ќе треба да го дискредитира Андреј Жерновски, против генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, но и за разговорите за откуп на повеќе катастарски парцели на Водно, односно за промени на ДУП и ГУП, но и за набавка на опрема за прислушување од Израел и за земање на провизија за купената опрема.

На крајот од соопштението, се наведува дека „јавните обвинители ќе продолжат со преземање на сите предвидени дејствија во останатите предмети, особено оние кои се неопходни, а согласно поединечната стратегија на секој надлежен обвинител кој постапува по конкретен предмет“.

XS
SM
MD
LG