Линкови за пристапност

Протести и контрапротести во Македонија


Синоќешните собири поминаа без поголеми инциденти

Илјадници од едната, илјадници од другата страна, а меѓу нив полиција. Синоќа во Скопје се одржаа масовни собири на демонстрантите од „Протестирам“ кои бараат оставка од Владата и претседателот Иванов и одложување на изборите и на т.н. контрадемонстранти кои пак имаат сосема спротивни барања кои се на линија на поддршка на позициите на владејачката партија. Протестите поминаа без посериозни инциденти. Од „Протестирам“ порачуваат – продолжуваме на улица.

Во ваква атмосфера и без посериозни инциденти поминаа двата големи собира вчеравечер во Скопје. На едниот се бараше оставка, повлекување на аболицијата за политичарите и одложување на изборите, а на другиот токму спротивното – поддршка на политиките на владејачката партија и одржување на изборите закажани за 5-ти јуни. Двете групи, на неколку стотици метри едни од други, одвоени со силни полициски единици ги кажаа своите барања – едните пред владата, другите пред собранието.

Освен во суштината собирите се разликуваа и во формата. Протетстите што завршија пред владата се дел од серијата демонстрации организирани од платформата „Протестирам“. Зад контрапротестот пред Собранието застана Граѓанското движење за одбрана на Македонија, кој според иконографијата, знамињата и повиците, имаше логистичка поддршка од членството на ВМРО-ДПМНЕ.

Другата страна протестот го почна од вообичаеното место – седиштето на Специјалното јавно обвинителство, па до канцелариите на Европската унија во Скопје за да заврши пред владата која „доби“ неколку удари со боја... Попат имаше помали турканици со полицијата.

Пред собранието пак, се слушаа патриотски песни, се користеа пиротехнички средства, Триумфалната порта беше покриена со државното знаме.

Двете групи не дојдоа во директен контакт. Полицијата не дозволи да се доближат едни до други. Додека поддржувачите на ГДОМ се упатуваа кон автобусите со кои од внатрешноста на земјата пристигнаа во Скопје, демонстрантите кои си заминуваа од пред владата беа запрени за да не се сретнат со контрадемонстраните.

Двата собира беа масовни.

XS
SM
MD
LG