Линкови за пристапност

Повторно насилство на улиците на Скопје

  • Синиша Станковиќ

Најавениот мирен протест прерасна во неколкучасовни немири на скопските улици

Неколку илјади етнички Албанци денес не го послушаа неодамнешниот апел на американска амбасада во Скопје и протестирајќи против пресудите доживотен затвор за обвинетите за петкратното убиство кај Смилковско Езеро, жестоко се судрија со полициските сили. Така, се остварија претпоставките на Демократската унија за интеграција, во која, според одделни медиуми, постоеле сомневања дека е многу веројатно најавените мирните протести да ескалираат во насилни. Иако и американската амбасада и невладини организации апелираа незадоволството од пресудите доживотен затвор за обвинетите во случајот кој во медиумите го презеде името од полициската акција – „Монструм“, да се искаже на мирен начин, најавениот мирен протест прерасна во неколкучасовен вандализам и хулиганство на скопските улици.

Иако на социјалните мрежи протестот беше најавен како мирен, и закажан по традиционалната петочна колитва во Јахја-Паша џамијата, неколку илјади демонстранти, мнозинство млади луѓе, меѓу кои имало и малолетни лица, по мирниот почеток, сепак, почнале да превртуваат контејнери и да фрлаат камења кон полицајците.

Демонстрантите кои дотогаш парадирале, со скандирања за УЧК и за Голема Албанија, како и со навреди за полицијата, при доаѓањето до објектите на судовите, почнале да фрлаат камења и да кршат прозорци, по што реагирале полициските сили. Потоа, при обидот на демонстрантите да тргнат кон центарот на градот и кон објектот на Владата, повторно се судриле со полицијата која се обидувала да ги спречи и разбие.

Според одделни медиумски информации, при обидот на демонстрантите за пробивање на полицискиот кордон, дел од нив нападнале и сниматели, фоторепортери и новинари. Медиумите јавуваа за жесток судир на демонстрантите со специјалните полициски сили, во кои биле употребени и чадни и шок-бомби и солзавец, за по употребата на водени топови, демонстрантите да се разбегаат кон Бит-пазар, при што повторно имало и вандализам: палење на пластични контејнери, фрлање камења кон полициските сили и кршење на излози на локалите. Дел од незадоволството, покрај кон полицијата и судството, бил насочен и кон лидерот на албанската ДУИ која е партнер и во новата влада на владеачката ВМРО-ДПМНЕ.

Според портпаролот на МВР, Иво Котевски, повредени се 20 полицајци, кои не се во животна опасност, приведени се шест лица, а МВР врз основа на снимките ќе ја продолжи идентификацијата на учесниците во насилните инциденти и ќе ги преземе сите законски мерки против нив.

МВР апелираше граѓаните да не потпаѓаат под влијание на лицата кои шират говор на омраза на социјалните мрежи и повикуваат на насилство. Во соопштението за денешниот протест на социјалните мрежи, се повикуваа граѓаните да го искажат својт револт „против монтираните случаи, невините убиства, семејните малтретирања, етничката омраза и верската омраза... О, вие луѓе, ова не е само протест, туку е национална обврска да живееме со мотото: денеска кај соседите, утре дома. Доколку не интервенираме денес кога неправдата достигна кулминација, тогаш нека останат без сон очите на страшливците“.

XS
SM
MD
LG