Линкови за пристапност

Граѓаните побараа итна промена на власта


ВМРО-ДПМНЕ за понеделник најави контра-протест на своето членство, а Груевски и Заев во вторник во Стразбур ќе преговараат под око на меѓународната заедница

Повеќе десетици илјади граѓани демонстрираа пред Владата барајќи правда, мир и враќање на Македонија кон европските стадарди и вредности и кон напуштениот пат за евроатлантски интеграции, преку оставки на актуелната власт и најитно формирање на преодна Влада, којашто, по попис на населението, и „прочистување“ на контроверзните изборни списоци, би обезбедила услови за мирни, фер и демократски избори.

Денешниот протест на илјадниците граѓани под мотото „Доаѓаме!“ (скопјани и граѓани од внатрешноста коишто успеаја да ги поминат сите полициски блокади на патиштата или, како што тврдеше опозицијата – опструкциите на актуелната власт, па наместо со автобуси од фирмите чиишто сопственици во последен момент ги откажуваа платените ангажмани, во престолнината доаѓаа со свои автомобили, со комби-возила и возови), според проценките на дел од присутните известувачи на печатените медиуми, фоторепортери и ТВ-екипи од Македонија и од странство, сигурно беше најбројниот и најпосетениот граѓански протест во 25-те години македонска независност и сувереност.

Протестот којшто го организираа невладини организации, членки на граѓанската иницијатива „Граѓани за Македонија“ (составена од 80 НВО и здруженија на граѓани), со поддршка на најсилната опозициона партија СДСМ и на уште 13 партии, помина во мирна атмосфера. Забележлива беше мултиетничноста и мултиконфесионалноста, зашто покрај знамињата на сите етнитети кои живеат во Македонија, се зборуваше, пееше и скандираше и на македонски, и на албански, а транспарентите беа на сите јазици коишто се говорат во земјата и на англиски. Протестот мина во духот на слоганите, објавени и во промотивниот видео-спот на настанот: „Ние немаме војска - ние имаме срце! Ние немаме куршуми – но, имаме сон, ние сакаме мир! / Вие имате судии - ние имаме правда! / Вие сакате контрола - ние сакаме слобода! Вие имате телохранители - ние имаме другари!“.

На бината пред владата говореа претставниците на Студентскиот пленум, студент Македонец и студентка Албанка, коишто беа дочекани со френетичен аплауз, како говорници од органзиацијата која ја „разбуди“ Македонија.

„Драги политичари, вие ни го одземате правото на мислење, правото на вредности и на став... Е, затоа сме тука денеска, за да ви кажеме дека ни е доста, за да ви кажеме дека не сме на продажба за таблети, за десет посто повисока стипендија, а живееме во студентски домови кои личат на средновековни затвори“, порачаа студентските претставници.

По нив говореа режисерите Александар Поповски и Владе Милчин, екс-министерот за надворешни работи од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Димитров, поетот и активист Џабир Дерала, музичарот и активист Петрит Сарачини, професорката и поборничка за човековите права Мирјана Најчевска, ТВ-водителот Огнен Јаневски, преведувачката Марија Џоунс... Пред десетиците илјади присутни се пееше рок на македонски и на алабански јазик и македонска народна музика, се пародираа потезите на актуелната власт, се бараше ослободување на политичките затвореници и враќање на демократијата.

Од гостите од странство, говореа бугарскиот екс-премиер Сергеј Станишев и Кнут Флекенштајн, потпретседател на групата социјалисти во Европскиот парламент.

Како претседател на Партијата на европските социјалисти, Станишев порача дека му е јасна пораката на собирот – дека граѓаните на Македонија сакаат мир. „И слушнав дека многу луѓе изговараат една иста реченица - „Нема правда, нема мир“. И сакам да знаете дека вашиот глас е слушнат во ЕУ. Сакам да знаете дека вие сте важни, дека сте обединети заедно и никој не смее да го игнорира тоа“, потенираше Станишев.

„Дојдов во Скопје да ја изразам мојата солидарност, не само со моите пријатели, но и со сите оние кои мирно протестираат и сум импресиониран... На Македонија и е потребно повторно враќање на борбата за демократија.... Ви честитам за храброста што сте овде, за пораката која ја давате. Пораката дека Македонија сака да живее во демократска држава“, им порача на присутните Флекенштајн.

Водачот на опозицијата Зоран Заев, пак, пред демонстрантите порача дека нема друго решение освен - „со волја или без волја на Никола Груевски, тој мора да си замине“. Според Заев, Груевски, „кукавички и сурово се пресметувал со неистомослениците, крадел парцели, избори, се инсталирал во полицијата и судството, мразел и се одмаздувал како се' да е негова своина... Ги злоупотребувал безбедносните служби, дури и за името се пазарел... Сега се плаши Груевски, дека ќе било кукавички ако си заминел, зарем не е кукавички да се држи во заложништво Македонија“, рече Заев.

По говорите, учесниците на протестот коишто сметаат дека тој треба да продолжи се` до поднесувањето на оставка на премиерот и на неговите министри, поставија „камп“ од шатори и ќе останат пред Владата до псотигнување на зацртната цел.

Додека траеше протестот во Скопје, поддршка за студентите и сите демонстранти низ Македонија искажаа Македонците од Љубљана, како и Македонците коишто живеат во Лондон.

Иако Заев пред денешниот протест истакна во медиумите дека е подготвен да поднесе оставка од функцијата, заедно со Груевски – „за доброто на Македонија“, премиерот беше дециден дека нема намера да стори такво нешто.

За понеделник во Скопје е закажан контра-митинг во организација на владеачката ВМРО-ДПМНЕ, а за вторник се закажани разговори меѓу Груевски и Заев во Стразбур, под контрола на меѓународната заедница.

XS
SM
MD
LG