Линкови за пристапност

Релативно мирен прв круг на претседателските избори


Забелешки на набљудувачите, мала излезност на етничките Албанци.

Граѓаните на Македонија, 1.779.572 гласачи со право на глас, запишани во Избирачкиот список, денес по петти пат имаа можност да избираат претседател на државата, гласајќи за еден од четворицата кандидати: Ѓорге Иванов од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Стево Пендаровски, кандидат на СДСМ и коалициските партнери, Иљаз Халими од ДПА и Зоран Поповски од ГРОМ. Албанската партија во досегашната власт, ДУИ на Али Ахмети, не понуди свој кандидат.
Гласачките места се затворени, а деталните извештаи на 9.155 домашни и 489 странски набљудувачи, на кои им помагаа и 222 преведувачи, допрва се очекуваат.

Според Државната изборна комисија (ДИК), одзивот на гласачите на претседателските избори до 17:40 часот по македонско време бил 41,23%, односно, на гласање излегле 693.091 граѓанин. ДИК ги објави податоците од 3.248 места или 92,48% од вкупно 3.480-те избирачки места во Македонија.

Градови со највисока излезност на денешните претседателски избори се Гевгелија со 60,18% или 11.718 граѓани што излегле на гласање, Прилеп 58,82% или 36.744 граѓани, Штип со 58,20% или 24.267 гласачи, Кавадарци со 57,41% и Охрид со 50,06%. Од скопските општини, во Карпош одзивот е 55,89% или 28.847 граѓани, Кисела Вода - 55,31% или 18.333 граѓани, Аеродром - 54,32% или 34.731 гласач, а Центар 53,87% или 23.065 гласачи.

Многу помала излезност има во средините со претежно етнички албанско население. На првиот круг од претседателските избори, средините со доминантно албанско население во западниот дел на Македонија, според ДИК, имаат најмала излезеност. Најголема излезност меѓу нив е во општините Желино, каде одзивот до 17:40 часот изнесувал 7,60% или 1.648 гласачи, и во Липково, каде е забележан најмал одзив на гласачи до 13 часот - само 3,76%, за потоа да порасне до 8,09% или 1.890 гласачи

За следење на денешните избори се акредитирани триесетина странски новинари од пет медиуми, но извештаите главно одеа на порталите и на социјалните мрежи.

А што се однесува до набљудувачите, невладината организација „Цивил“, која има 75 регистрирани набљудувачи низ целата држава, во текот на денот известуваше за голем број неправилности, агитации и притисоци. На пример, Цивил наведува дека на избирачкото место во Ѓорче Петров било забележано дека две починати лица биле заведени дека „гласале“, дека лица од Пустец, Албанија пристигнале во Скопје за да гласаат со личните карти што им беа издадени лани, непосредно пред локалните избори, а дека постои сомнеж за можни злоупотреби на гласањето во Велес, бидејќи е утврдено дека до изборните места се доставени повеќе гласачки ливчињаотколку што има гласачи, односно, според податоците на ДИК, во Велес право на глас имаат 45.441 граѓани, а според Општинската изборна комисија се заведени 46.648 граѓани.

Забелешки имаше и НВО „Мост“, со дури 1.790 набљудувачи низ целата земја. Набљудувачите на оваа организација наведуваат случаи на поткуп на гласачи, фотографирање на гласачкото ливче, евидентирање на граѓаните што го оствариле своето право на глас од страна на ненадлежни лица, и, како една од клучните нерегуларности - нарушена тајност на гласањето. Но, во јавноста се чекаат извештаите и на странските набљудувачи, пред се` на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР со 202 набљудувачи, ОБСЕ со 91 набљудувач, Парламентарното собрание на Советот на Европа со 21, ЕУ со 27, Аамбасадата на САД со 27 набљудувачи...

Во текот на вчерашниот ден на изборен колк, кога за првпат за претседател гласааа и иселениците, како и болните и немоќните и 1.706 лица на издржување на затворски казни, беа забележани бројни неправилности и незаконитости, прекршувања на изборниот молк во странство, но и во Македонија, како и партиски активности.

Вкупниот број на избирачите на привремена работа и престој во странство е 70.305, а од нив право на глас имаа 8.332 што се пријавиja за гласање. Во изборните единици во дијаспората, односно во ИЕ 7 (Европа и Африка) пријавени за гласање беа 5.892 македонски државјани, во осумката (Северна и Јужна Америка) - 1.426 гласачи што се изјаснуваа во пет дипломатски претставништва, а за Австралија и Азија беа пријавени 1.014 гласачи.

НВО „Цивил“ вчера јави дека забележала неправилности за време на гласањето на болните и изнемоштените во Кичево, Штип и Крива Паланка, а во повеќе општини во Скопје, како и во Велес, Гевгелија, Теарце, Кичево, Струга и Брвеница забележала партиски активности на теренот и делење пропаганден материјал.

На социјалните мрежи во Македонија имаше забелешки за пробивање на изборниот молк со објавување на резултатите на гласањето на дијаспората во Австралија и Европа. И дел од порталите во Македонија не го почитуваа целосно изборниот молк. Беше забележан и случај на Македонка што живее во Париз, а која го фотографирала гласачкото ливче и го објавила на Фејсбук.
XS
SM
MD
LG