Линкови за пристапност

Иванов и Пендаровски во вториот круг

  • Синиша Станковиќ

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ има предност од речиси 120.000 гласови.

На полноќната прес-конференција на Државната изборна комисија (ДИК), претседателот Никола Рилковски ги соопшти првичните неофицијални резултати од првиот круг на претседателските избори во Македонија, според кои ќе има втор круг на 27-ми април, а во него одат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Ѓорге Иванов и Стево Пендаровски.
Според Рилковски, по прегледани 97,12% од гласовите, според резултатите добиени во ДИК по електронски пат, вкупно гласале 832.008 избирачи или излезноста била 48,45%. За Ѓорге Иванов гласале 429.778 или 51,66% од граѓаните што излегле на гласање (или 24,15% од заведените во Избирачкиот список), а за второпласираниот Стево Пендаровски гласале 311.250 или 37,41% од излезените гласачи (17,49% од Избирачкиот список).

За кандидатите Илијаз Халими и Зоран Поповски, кои ја завршија изборната трка, гласале 38,270 граѓани (4,60 %), односно 30.092 граѓани (3,62 %)

Во вториот круг, победник ќе биде кандидатот што ќе освои повеќе гласови, доколку излезноста на гласачите биде најмалку 40% од вкупниот број на запишани гласачи во Избирачкиот список, а во спротивно, ќе се повтори целата процедура за претседателските избори.

Претходно и граѓанската организација „Мост“ ги соопшти резултатите добиени врз ПВТ програмата, според кои, со 95% извесност, Иванов освоил 53,14%, Пендаровски 38,78%, Халими 4,5% и Поповски 3.58%, со тоа што излезноста била 49,64%, а неважечки ливчиња имало 2,78%.

Во текот на вечерта, медиумите ги пренесоа првите изјави на директните учесници во изборната трка. Ѓорге Иванов изрази „огромна благодарност за огромната поддршка на целата кампања и огромна благодарност за изборниот ден. Оваа поддршка многу значи и ни дава сила да продолжиме и понатаму со цврста определба за делата и реформите кои ќе продолжат да се реализираат за доброто на Македонија“.

Според кандидатот за претседател од ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните „дадоа поддршка на концептот на чесност и патриотизам“ и тој потенцираше дека „на 27-ми април, граѓаните ќе одговорат со уште поголема поддршка и „ќе кажат што мислат за нашиот тим. Двојна победа која ќе донесе 62 мандати.... Мотото беше дека државата ни е пред се`, дека државата се нејзините луѓе, нејзините граѓани, граѓаните на Македонија. Јас се обврзав и ќе стојам зад тоа до крај, дека ќе ги почитувам сите граѓани и ќе работам за нивниот интерес и просперитет“.

И кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски изрази благодарност до сите што гласале за него, потенцирајќи дека 320.000 граѓани покажале храброст што гласале за него „во овие услови. Им честитам на сите кои гласаа денеска за опозицијата. Бројот на гласови на кандидатот за власта, според мое убедување, не е резултат на неговите квалитети, ниту пак на успесите на политичката структура која го поддржува“.

Пендаровски порача дека „борбата не е завршена. Ни претстои вториот круг и имам намера до последниот ден да се борам за концептот, вредностите и идеите во кои верувам. Уверен сум дека и во вакви услови на систематски притисок, закани и уцени, можеме да дојдеме до победа на 27-ми април“.

Кандидатот на ДПА Илијаз Халими и партискиот лидер Мендух Тачи изјавија дека албанските гласачи биле изложени на невидени притисоци.

„Ги почитувам и тие што немаа можност да гласат за мене поради перманентните притисоци. Ќе се ангажираме и натаму и се надевам дека на парламентарните избори ќе постигнеме поголем резултат“, рече Халими, а Тачи изјави дека и покрај притисоците и заплашувањата што ги правеле ДУИ врз Албанците да не излезат на гласање, сепак е задоволен: „95 отсто од тие што излегоа беа мажи, жените и другите ги немаше, се уплашија од заканите од ДУИ“.

Претседателскиот кандидат на ГРОМ Зоран Поповски изјави дека ГРОМ покажал оти е играч на политичката сцена и најави дека “се разбира, продолжуваме понатаму“, а лидерот на партијата Стевче Јакимовски им честита на Иванов и Пендаровски за пласманот во вториот круг на претседателските избори и за досегашното водење на изборната кампања

Портпаролот на ДУИ Бујар Османи, партијата што не даде свој кандидат за претседателските избори, им се заблагодари посебно на граѓаните-Албанци кои, како што рече, придонеле за фер и демократски избори. Според него, во албанскиот политички блок немало натпревар на двајца кандидати, туку меѓу два концепта.

„Албанците со референдумско изјаснување кажаа `да` за консензуален претседател а не за избор на едностран претседател. Ова ни дава ветер во грбот да ја продолжиме идејата за избор на консензуален претседател, од која не се откажуваме“, рече Османи.
XS
SM
MD
LG