Линкови за пристапност

Македонија, што е можно побрзо, да се врати на патот на евроинтеграциите


Ова е пораката од традиционалниот дипломатски појадок по повод Денот на Европа

Дел од амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија веќе и јавно го изјавуваат она за што во Брисел во изминатиот период се зборува, по трансферот на власта и формирањето на новата влада, земјата да се стави на брз ЕУ-колосек, во чија основа е старт на преговори за членство.

„За нас е многу важно да видиме дека Македонија се враќа на вистинскиот пат на евроинтеграции. Претстои многу работа, но можеме да видиме дека се уште постои ентузијазам. Тоа е многу важно бидејќи Македонија игра витална улога за стабилноста на Балканот“, истакна Кристијан Тимоние, амбасадор на Франција во Република Македонија.

„ЕУ е избор за граѓаните на Унијата, таа е избор за граѓаните на земјите-кандидатки. Секоја земја од Западен Балкан како идна членка како ЕУ и граѓаните на Европа треба да решат како ќе се справат со овие промени и предизвици“, изјави Самуел Жбогар, амбасадор на ЕУ во Република Македонија.

Идејата за забрзување на македонските евроинтеграции, како механизам за влијание врз демократските процеси, во бриселските кругови се интензивирала по настаните во земјата во последниот период.

„Мојата земја минува низ историски моменти кои бараат историски одлуки, не какви било, туку вистинските. Време е да ставиме крај на злобниот круг на кризата и да се насочиме во спротивен правец. Како политичари наша обврска е да преземеме одлуки што ќе овозможат безбедност за нашите граѓани“, вели Арбер Адеми, вицепремиер за евроинтеграции.

Новото мнозинство најавува враќање на евроинтеграциите на владината агенда.

„Ја преземам одговорноста, со поддршка од вас, мотивиран од силната заедничка верба дека е можно и остварливо - и Република Македонија да биде дел од обединета Европа“, вели Зоран Заев, претседател на СДСМ.

Претседателот Ѓорге Иванов се` уште не се произнесува за доделување на мандатот за формирање влада, иако тече рокот од 10 дена откако го доби известувањето од Талат Џафери чиј избор за собраниски спикер е објавен во денешното издание на „Службен весник“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG