Линкови за пристапност

Поднесена иницијатива за седница во Собранието


СДСМ, како дел од новото на парламентарно мнозинство, иницираше продолжение на конститувната седница на собранието. Доставени се потписи од 67 пратеници како доказ, иако, како што објаснија претставници на социјалдемократите, деловникот на Парламентот не налага таква обврска за продолжување на заседанието од 30-ти декември.

„Очекуваме Трајко Вељаноски веднаш да свика продолжение на конститутивната седница на Собранието на Република Македонија. Конечно оваа клучната институција како претставнички орган на граѓаните на Република Македонија да почне да функционира затоа што мора да работи и функционира во интерес на државата. Прв чекор е избор на претседател на Собранието, кој ќе го тргне и последниот неразумен аргумент на Ѓорге Иванов, кој е должен да му го даде мандатот за состав на Влада на претседателот на СДСМ, Зоран Заев“, вели Оливер Спасовски, генерален секретар на СДСМ.

СДСМ очекува дека Вељаноски ќе биде на ниво на задачата, ќе покаже одговорност и без дополнително тактизирање ќе ја свика седницата. Спасовски не одговори дали веќе е утврден конкретен кандидат за иден спикер. Според него, прво треба да се закаже продолжување на седницата па потоа да се разгледуваат кадровски опции. Прашањето е дали ќе се успее во обидот за избор на собраниски претседател пред посетата на еврокомесарот Хан и пратеничката тројка Кукан-Вајгл-Флекенштајн на Скопје која Брисел денеска и официјално ја потврди за во вторник.

„Тие ќе се сретнат со претставниците на сите парламентарни партии, како и со претседателот Иванов и ќе ја повторат цврстата позиција на ЕУ за почитување на исходот од изборите и да се дозволи продолжување на демократските процеси со брзо формирање реформски ориентирана Влада, која ќе продолжи со имплементација на договорот од Пржино“, истакна Маја Коцијанчиќ, портпаролка на Европската Комисија.

Македонија, повеќе од 3 месеци по 11-то декемвриските избори, се` уште нема собрание во полн капацитет кое е без претседател, ниту пак нов владин кабинет.

XS
SM
MD
LG