Линкови за пристапност

Македонија: Постигнат е договор за јазикот


Според СДСМ, нова влада се очекува на почетокот на март. Изјавите на ДУИ се повоздржани, но јасни за јазикот, а ВМРО-ДПМНЕ најави следење на ситуацијата.

„Обезбедени се потписите за добивање на мандатот, за две седмици Македонија ќе добие влада предводена од СДСМ“, обелодени лидерот на социјалдемократите Зоран Заев, кој денеска е во посета на Сараево. Тој потврди дека се затворени најтешките прашања со ДУИ меѓу кое е и законот за употреба на албанскиот јазик.

„Верувам дека останува мал дел од преговорите околу формирањето на влада заради тоа што најзначајните прашања, а тоа се идната владина програма, платформата на СДСМ, платформата на албанските партии, законот за употреба на јазиците се усогласени. Тоа беа суштествени работи. Останува да седнеме со престедателите на другите партии и да се договориме за ресорите, за кадрите во делот на владата и верувам дека за 10 до 15 дена Македонија ќе има влада предводена од СДСМ“, кажа Зоран Заев, претседател на СДСМ.

Изјавите од ДУИ, чиј врв заседаваше до рано изутрината, се повоздржани, но и јасни дека е затворено најгорливото прашање – она за јазикот.

„Претседателството на ДУИ ги разгледа сите елементи од предлогот за албанскиот јазик и на крај беше дадена едногласна согласност за текстот на законот. Со ова го заокруживме овој дел од разговорите, и од петок ќе почнеме со другите елементи од Платформата за хармонизирање на сите точки за владина коалиција“, кажа Бујар Османи, портпарол на ДУИ.

Раководството го овластило Ахмети да располага со десетте пратенички потписи – тој да реши дали ќе ги даде на СДСМ, чекор кој по изјавата на Заев, се чини дека е извесен. Одлуката најверојатно ќе биде в петок. По се појасното приближување на позициите меѓу СДСМ и ДУИ, вчера реагираше Никола Груевски.

„СДСМ и ДУИ сакаат да направат дефакторизација на македонскиот народ. Она што сега се случува покажува дека СДСМ е цврсто влезена во намера да ја редефинира Македонија. Но морам да потенцирам дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ ќе стои цврсто во било која ситуација на браникот“, изјави Никола Груевски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој порача дека неговата партија ја следи ситуацијата и дека нема да дозволи, како што рече, коцкање со државните интереси.

XS
SM
MD
LG