Линкови за пристапност

Дали средбата СДСМ - ДУИ ќе ги разјасни работите?


Според партиски извори, „работата не е готова, се` додека не биде готова“.

Во моментот во седиштето на ДУИ во тетовска Мала Речица во тек е средба меѓу Зоран Заев и Али Ахмети. Состанокот почнал во околу 18 часот. Се очекува средбата меѓу лидерите на СДСМ и на ДУИ да ги разјасни работите – до каде се преговорите, затворено ли е прашањето за употребата на албанскиот јазик, ќе има ли договор за коалицирање...

Неофицијално, партиите се пред финиширање на предлог-законот, што е една од основите за ДУИ да ги даде своите пратенички потписи за СДСМ да го добие мандатот за формирање влада. Сепак, партиски извори, велат дека треба да се биде внимателен и дека „работата не е готова се` додека не биде готова“.

Претходно во текот на денот се сретнаа делегации на СДСМ и на Алијансата за Албанците. По состанокот изјавите беа дека се зборувало за општите принципи за натамошната соработка. Оливер Спасовски од СДСМ рече дека ги очекуваат потписите за добивање на мандатот.

„Разговаравме за принципите за кои се залагаме како и за принципите при формирањето на парламентарното мнозинство во РМ што ќе придонесе за промена на власта, но и реализација на сите овие принципи за кои денеска разговаравме. Очекуваме дека наскоро ќе ги добиеме потписите од партнерите за да го добиеме мандатот за формирање влада. Се` уште се разговара за законот за употреба на јазикот. Кога ќе имаме конечни ставови ќе ве информираме“, изјави Спасовски.

Според Арбен Таравари од Алијансата за Албанците, ова била конструктивна средба на која се разговарало за основните принципи на евентуалното ново мнозинство, за потписите кои би ги дале на новиот мандатар.

Неофицијално, нацрт-законот предвидува широка употреба на албанскиот јазик, на пример во Собранието претседавачите на пленарните седници, ако се Албанци седниците да ги водат на мајчиниот јазик. Министрите-Албанци пак ќе можат да го користат албанскиот јазик на седниците на Владата.

XS
SM
MD
LG