Линкови за пристапност

Експерти: Нови избори ќе значат уште една изгубена година за Македонија


Некои сугерираат дека она што во моментот може да и` помогне на Македонија, е спроведување на реформските приоритети.

Уште едни избори нема да ја решат политичката криза во Македонија, иако и тоа е една од двете опции кои на земјава и стојат на располагање во моментот, велат аналитичари за Гласот на Америка. Ова е Бојан Маричиќ извршен директор на Центарот за европски стратегии Еуротинк од Скопје.

„Уште оваа цела година ќе отиде на избори со оглед на тоа што нови избори би значеле притисок за нова влада која би ги организирала тие избори, согласно парламентарната слика во моментот. Сигурно ќе потрае период на преговори за формирање на таква влада, па потоа сите подготовки кои се случуваат со Државната изборна комисија и сите оние процеси поврзани со организирање на изборите. Тоа ќе значи повторно сериозен меѓународен ангажман“, вели Маричиќ.

Уранија Пироска од Хелсиншкиот комитет вели дека она што во моментот може да и` помогне на Македонија, е спроведување на реформските приоритети.

„Мислам дека нов изборен процес и подготовките за таков процес во многу што ќе ги ослабат и самите партии. Ние поминавме долг период на политичка криза и не знам колку се во можност да истуркаат уште еден период полн со неизвесности. Без кривична правда и кривична одговорност за сите кои ја злоупотребија власта и државните интереси и без спроведување на реформските приоритети Македонија ќе остане на она ниво на кое се наоѓа сега“, вели Пироска.

Маричиќ вели дека во овој момент е многу подобро да се формира влада макар таа да не трае подолго од година или две поради стабилизација и департизација на институциите. Според последната анкета на телевизија Телма, 56% од граѓаните се против нови избори, додека само 36,2 % за повторни избори. Анкетата покажува и изедначеност помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ако има нови избори. За ДПМНЕ би гласале 23,3 %, додека за СДСМ 23% од граѓаните.

XS
SM
MD
LG