Линкови за пристапност

Дали паралелно со албанската, се создава и македонска платформа?


Додека официјално преговорите се на статус кво, се шпекулира за нови избори, што би се одржале заедно со локалните.

Социјалдемократите се уверени дека нивните предлози пратени до ДУИ, од кои зависи дали ќе има договор за коалицирање, се квалитетни и дека одговорот од партијата на Ахмети ќе биде позитивен.

„Документот доставен до ДУИ е доволно добар за да ги обезбеди потписите за добивање на мандат за формирање на влада“, изјави Петре Шилегов од СДСМ.

„Се разгледуваат“ – тоа е официјалниот одговор од ДУИ на прашањето какви материјали добиле од СДСМ.

Претставници на партијата на Ахмети избегнуваат отворено да зборуваат за документите, како и тоа дали се прифатливи. Неофицијално, во центарот на понудата е предлог-закон за албанскиот јазик – каков и колкав опсег на употреба, не се прецизира. Засега, се` уште се разговара за детали на ниво на работни групи. Дел од ДУИ, кое важи за поблиско до опцијата за продолжување на соработката со ВМРО-ДПМНЕ, брифира дека текстот на законот што го нуди СДСМ е полош во однос на она што го предложил Никола Груевски. ДУИ на ниво на потпретседатели ги информираше партиите кои се во Алијансата за Албанците за добиените материјали. По синоќешните разговори, изјавите беа само за т.н. албанска платформа.

„Имавме конструктивна средба на која разговаравме за точките од заедничката платформа на политичките партии. Многу е важно да се придржуваме кон овие високи вредности на политичката соработка меѓу Албанците. Духот на ова соработка има само една цел, а тоа е доближување на нашата земја до евроатланските процеси, односно до НАТО и ЕУ“, вели Теута Арифи, потпретседателка на ДУИ.

„За нас како политичка партија е многу важно заедничката платформа на албанските партии да биде доследно спроведена, така како што се договоривме и сите политички партии на Албанците во Македонија се потпишавме. Се надевам дека тоа ќе се реализира“, вели Арбен Таравари, од Движење за реформи - ДПА.

Европската унија, која не е инволвирана во процесот, но внимателно го набљудува, повторува дека е оптимист за скорешно затворање на прашањето.

„Јас сум оптимист, како и еврокомесарот Хан, дека ќе се реши политичката криза во земјата“, истакна евроамбасадорот Самуел Жбогар.

Но, ситуацијата дополнително се усложнува со најавите за создавање на македонска платформа, паралелна на албанската. Иницијативата е на Социјалистичката партија, партнер на ВМРО-ДПМНЕ. Целта на оваа платформа би била, како што велат, зачувување на македонските национални интереси без да се прецизира што се би содржел овој документ. Прашање е како во ваква атмосфера евентуално би се реализирало барањето на владејачката партија за нови предвремени избори кои би се одржале со локалните. Најновата анкета на „М-проспект“ покажува изедначеност меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со по 23 отсто поддршка. Според истражувањето водечка партија во албанската заедница е СДСМ – за него би гласале 20,4, за Беса 15 отсто, за ДУИ 14, за ДПА 10 и за Алијансата 6 проценти од албанските гласачи.

XS
SM
MD
LG