Линкови за пристапност

Хан: Брзо да се формира влада


„Во Македонија сум за да ги сослушам политичките лидери и да пратам јасна порака, земјата постигна многу, ако се земе предвид каде бевме пред две години“, порача еврокомесарот за проширување.

„Брзо да се формира влада“ – со таква порака Јоханес Хан дојде во Скопје. Еврокомесарот за проширување денеска ги повика политичките партии да бидат свесни за сопствената одговорност зашто, како што порача, приоритет треба да бидат интересите на државата и на граѓаните.

„Искрено, тука сум за да ги сослушам политичките лидери. Тука сум и да пратам јасна порака, земјата постигна многу ако се земе предвид каде бевме пред две години. Го имавме Пржино процесот, имавме доста разговори, два пропаднати обида за избори и конечно избори кои беа меѓународно признати. Но, изборите не се крај на овој процес, влада мора да се формира што поскоро“, изјави Хан.

Не прецизираше што Брисел подразбира со пораките влада со „широка поддршка“ и дали тоа значи формирање широка влада. Индиректно Хан кажа што мисли за заканите на ВМРО-ДПМНЕ дека државата ќе се соочи со проблеми ако новата во влада не биде партијата на Груевски.

„Нема да давам никакви предлози. Има многу предизвици, мора да се спроведат одредени активности, колку постабилно мнозинство, толку подобро, но конечната одлука ја носат политичарите“, додаде еврокомесарот за проширување.

Примарно, посетата на Хан на Скопје е заради учеството на енергетскиот Самит на земјите од Западниот Балкан. Остатокот од времето Хан го предвиде за одвоени средби со лидерите на парламентарните партии, на кои се очекува да ја повтори пораката за потреба од брзо создавање влада посветена на реформската и европската агенда.

XS
SM
MD
LG