Линкови за пристапност

Спротивставени ставови и на експертите


Гласот на Америка на македонски јазик побара оценка на изборите и експертски поглед за следните чекори на партиите околу составувањето нова влада

„Постојат многу силни индиции дека изминатите избори не беа ниту фер, ниту демократски!“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, професорката д-р Мирјана Најчевска од Институтот за социолошко и политичко-правни истражувања - ИСППИ, додека д-р Жидас Даскаловски од Центарот за истражување и креирање политики – ЦРПМ, беше дециден дека на изборите ВМРО-ДПМНЕ докажала дека има сигурна подршка од граѓаните и дека „приказните за ‘фантомски’ гласачи, притисоци врз јавната администрација, купување гласови и слично, паѓаат во вода“

По молчењето на Државната изборна комисија и по двете прослави на изборната победа, и на СДСМ и коалицијата во „За живот во Македонија“ во неделата вечер, и на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подбра Македонија“ во понеделникот вечер, што ја доведе јавноста во недоумица, Гласот на Америка на македонски јазик се обрати на експерти, за стручна оценка за кредибилноста на предвремените парламентарни избори и за нивни превидувања за настаните што ќе следат на политичката сцена, особено околу конститурањето на новиот состав на парламентот и составувањето на нова влада.

Според д-р Даскаловски од ЦРПМ, резултатите на изборите покажуваат неколку работи: „СДСМ успеа да ги поврати сите свои гласачи кои од 2011-та до 2014-та година ги изгуби, и да добие нови поддржувачи кај Албанците. СДСМ успеа во својата кампања да ја направи најпожелната цел на сите кампањи, а тоа е да се создаде нов електорат кој гласа во негова полза. Во случајов, станува збор за етнички Албанци на кои Зоран Заев им ја ‘продаде’ приказната за проширување на рамката на Охридскиот договор“.

Д-р Најчевска пак, смета дека „прво, во услови кога постои голем сомнеж во функционирањето на институциите, во способноста на органите надлежни за заштита на правата на луѓето навистина да ја извршат својата задача, и кога корумпираноста на државниот систем е идентификувана како проблем од со висок ризик, многу голема е веројатноста да биде загрозено правото на избор, односно, да отсуствува заштита кога тоа е ограничено или потполно оневозможено... Второ, нормалното однесување во ненормална ситуација придонесува единствено за легитимирање на ненормалното како нормално“.

СДСМ најави дека ќе поднесе приговори поради утврдени неправилности за повеќе избирачки места, и дека очекува ДИК или Управниот суд да ги прифатат, а тие да освојат уште едно пратеничко место, со што соодносот на освоеените пратенички мандати би бил изедначен 50:50. Тоа максимално ќе ги искомпликува меѓупартиските преговори, со кои еден од лидерите Никола Груевски или Зоран Заев, би гарантирал ќе обезбеди собраниско мнозинство, за претседателот на државата Ѓорге Иванов, да му го довери мандатот за состав на нова влада.

Во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик, д-р Даскаловски е дециден дека на изборите се потврдило, оти „иако нешто намалена во однос на 2014 година, ВМРО-ДПМНЕ има многу солидна и сигурна подршка од 450,000 гласови и дека приказните за ‘фантомски’ гласачи, притисоци врз јавната администрација, купување гласови и слично, паѓаат во вода. Веројатно е дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ заедно со евентуално ‘Алијансата на Албанците’, или дури и ДПА, би составиле влада. До локалните избори има многу малку време и сигурно за Никола Груевски и Али Ахмети е подобро да ги имаат полугите на власта и да се обидат да направат подобри резултати на локални избори, отколку земјата да продолжи да биде во криза“.

Иако сé уште нема дефинитивен одговор на опозицијата дали за нив би била прифатлива евентуална широка коалиција, во која би учествувала и ВМРО-ДПМНЕ, барем до пролетта 2017-та и евентуалното одржување на нови предвремени избори истовремено со редовните локални, лидерот Заев денес и отворено апелираше до партиите кои влегуваат во Собранието, да не соработуваат со Груевски и со неговата партија и коалиција.

Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ пак, во контра прес-конференцијата, веднаш потоа, ја обвини опозицијата:

„Во оваа нивна лакрдија имаат намера да ја носат Македонија таму каде што никој не сака. ДИК пред сегашноста и пред историјата треба да има интегритет. Таа треба да има јасен став. Знаеме дека изборите беа кристално чисти. Ајде да се заврши и во европски манир да си честитаме и да престане ова сценарио за подривање и дестабилизација. 453.000 граѓани нема да дозволат да им се украде победата!“, рече Ѓорчев.

Во однос на можностите за формирање на нова влада, за д-р Даскаловски, „Широка коалиција е помалку веројатен исход, заради тоа што за истата ќе треба помплексни договори, а бидејќи времето до локални избори е кусо, тие преговори може да се пролонгираат дотогаш, па така, да опстои моменталната влада т.н. ‘Пржинска’ Заради ветувањата на Заев, сé е можно во однос на тоа дали албанските партии ќе ги зголемат своите барања и дали разединетоста на македонските партии ќе се одрази на прашањето за името, идентитетот, и воопшто, државата. Всушност, СДСМ во обид да добие власт го разјаде унитарниот карактер на земјата, нешто што беше зацементирано во 2001-та година, како македонско барање“.

Сосема спротивен е ставот на д-р Најчевска, според која, „во услови кога како противник во изборната трка се појавува структура која е осомничена за големи прекршувања на законите, загрозување на човековите права и доаѓање на власт врз основа на изборна измама, спроведувањето на регуларни изборни активности (претставување на програми, адресирање на грешките на противниците, комуникација со граѓаните...) без да бидат изградени специфични стратегии, методи и механизми со кои ќе се спречат повредите на човековите права, прекршувањата на законите и изборната измама, води кон неизбежен резултат - победа на структурата која и дотогаш, победувала со измами и прекршувања на законите“.

XS
SM
MD
LG