Линкови за пристапност

Дел од осомничените во „Трезор“ се појавиле во судот


Основниот суд денеска ги повика на сослушување четорицата осомничени од предметот што пред два дена го иницираше Специјалното јавно обвинителство.

Додека новинарите чекаа на главниот влез, пристигна информација дека попладнево по некои неформални влези, сепак во судот се појавиле дел од осомничените во „Трезор“. Според информации добиени од адвокатите, барем тројца од четворица од осомничените, пристигнале за денес закажаниот распит.

Официјално од судот беше соопштено дека, „во однос на предлогот за определување на мерките на претпазливост поднесени од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО) за предметот во јавноста познат како „Трезор“, СЈО побара изземање на судијата на претходна постапка кој постапува по истиот од причини наведени на записник дадени пред судијата на претходна постапка“.

Основниот суд Скопје 1 треба да одлучи во рок од три дена по барањето за изземање на судијата.

Засега нема одлука ни по предложената мерка притвор за осомничените лица.

Иако тимот на Катицa Јанева не го соопшти идентитетот на осомничените, домашните медиуми објавија дека станува збор за екс-директорот на УБК Сашо Мијалков, поранешниот началникот на петтата управа Горан Грујовски, шефот на кабинетот на Мијалков,Тони Јакимовски и поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ.

Тие се осомничени дека во периодот 2010-2015 неколкупати го оштетиле буџетот за 862.000 евра преку набавка на опрема за МВР која наместо да се купи директно од произведувачот била набавувана преку домашната фирма „Финзи“.

XS
SM
MD
LG