Линкови за пристапност

Пироска: Шарената револуција на Македонија требало да и` се случи порано


Охриѓани сметаат дека треба да се слушне гласот на народот, и дека постигнување договор е во интерес на сите

Во услови кога власта не одговори на барањата на Шарената револуција и поставениот ултиматум до 18-ти јуни за нивно решение, протестите ќе продолжат, но сега со уште по масовно темпо. Оттаму преку социјалните мрежи ги повикуваат граѓаните да се придружат на протестите, апелирајќи дека нивниот глас мора да биде слушнат макар тоа било од улиците и плоштадите. Илјадници граѓани и во изминатиот период низ целата држава го искажаа своето незадоволство од политиката на актуелната власт.

Уранија Пироска од Хелсиншкиот комитет смета дека Шарената револуција е нешто што на Македонија требало да и` се случи порано.

„Бројноста на луѓето на протестите покажува дека власта повеќе не може како порано да се справува со ваквиот начин на искажување на револт на граѓаните. Главната порака од наша страна до граѓаните е дека овојпат мора да се издржи до крај бидејќи јавниот интерес е во прашање. Мора да се случи кривична правда, а тоа да се случи мора СЈО да има можност слободно да си ги извршува своите надлежности. Сите оние кои сториле кривични дела, а раководеле со државата треба да одговараат. Без да се случи тоа ние никогаш нема да можеме да ја вратиме демократијата и слободата во земјава“, вели Пироска.

Универзитетскиот професор Јове Кекеноски за Гласот на Америка изјави дека единствен спас за излез од актуелната ситуација е формирање на влада во која би партиципирале што е можно поголем број политички субјекти.

„Дали тоа би било техничка влада, дали е тоа влада на национално единство или на национален спас, би било добро бидејќи се покажа дека досегашната влада и овие коалициони партнери кои сега управуваат со државата не се способни и не сакаат до крај да го спроведат она основно што го договориле лидерите на најголемите четири политички партии. Основната грешка е направена во старт бидејќи најголемите виновници кои придонеса за оваа криза ги доведуваме во ситуација истите тие да ја решаваат кризата, што е непринципиелно“, вели Кекеноски.

Ги прашавме граѓаните што мислат за Шарената револуција и како да се реши политичката криза.

„Граѓанското движење треба да се слушне. Тоа е народот, тоа е глас на еден важен дел на народот. Ако видиме кои се учесниците, тоа се луѓе кои се образовани, сериозни и ја сакаат оваа држава“, вели еден граѓанин.

„Шарената револуција не треба да биде со оштетување, бидејќи ништо не се добива со оштетување“, вели еден граѓанин.

„Како да се реши кризата, да седнат братски и да се договорат во интерес на сите нас“, изјави една граѓанка.

„Треба да му оставиме простор на Специјалниот обвинител и да се гласа специјален судија, затоа што во Македонија судиите се зависни од политичките партии. Шарената револуција е еден знак како се оди во демократија“, вели граѓанин.

Едно од основните барања на Шарената револуција беше Уставниот суд да се произнесе за уставноста на Специјалното јавно обвинителство, а останаттие се ослободување на сите обвинети и приведени демонстранти, оставка на актуелната и формирање на преодна Влада, како и оставка на претседателот Ѓорге Иванов.

XS
SM
MD
LG