Линкови за пристапност

Пратениците на првиот македонски плуралистички парламент бараат оставка од Груевски

  • Синиша Станковиќ

Оваа држава не е државата чии уставни рамки ние ги договоривме, велат пратениците во прогласот.

„ Договоривме Ре(с)публика – општо добро, држава – дом на сите граѓани, интегрирана во европската и евроатлантската заедница... Сега, имаме авторитарна држава, отпадена од граѓаните и од меѓународната заедница...“, се вели меѓу другото во денешниот проглас на дел од пратениците на првиот македонски парламент од 1990-тата.

Дванаесеттемина пратеници од првиот плуралистички состав на македонскиот парламент од 1990-1994 година, кој ги усвои Декларацијата за независност и првиот Устав на независна и суверена Република Македонија како наследник на СР Македонија, составен дел од СФР Југославија, денес се обратија до македонската јавност, во кое потенцираат дека единствениот избор на граѓаните на Македонија на претстојните, предвремени парламентарни избори е изборот меѓу Никола Груевски или Македонија.

„... тоа ќе биде изборот на следните парламентарни избори. Кога и да бидат“, се вели во прогласот.

„Апелираме до сите политички партии, големи и мали: Обединете се! На овие избори не треба да се борите за власт. Борете се за Македонија, за слободна, пристојна и чесна Македонија. Да си ја ослободиме заедно Татковината па потоа ќе се натпреваруваме меѓу себе!“, апелираат Никола Апостолоски, Јордан Бошков, Драги Гроздановски, Ратка Димитрова, Горан Зафировски, Цветан Јовчевски, Ташко К. Костенов, Биљана Лазаревска, Ѓулистана Марковска, Благоја Чкатровски од ВМРО-ДПМНЕ и Димитар Димитровски и Славе Наумовски од Сојузот на реформски сили на Македонија.

Денес со свое соопштение се јави и Форумот на слободоумни патриоти, составен од поранешни членови на владеачката ВМРО-ДПМНЕ.

ФСП бара веднаш да се почне со подготовка на вонреден Конгрес, во кој во организација и како делегати нема да бидат изоставени истакнатите членови од основачите на партијата, истакнатите членови од Унијата на ветерани на ВМРО ДПМНЕ, како и преставници на Форумот.

Тие бараат конгресот да се организира што е можно побрзо, а најдоцна до 10 мај, со цел да бидат избрани тела и органи на партијата во кои ќе членуваат неискомпромитирани и политички недевалвирани истакнати членови на ВМРО-ДПМНЕ.

ФСП бара и поради нарушениот политички кредибилитет, етички норми на однесување и заради загрозување на интересите на партијата, а со тоа и на државата, претседателот на партијата Никола Груевски, веднаш да си поднесе оставка на функцијата, без право на повторен реизбор, а и членовите на Извршниот комитет, веднаш да депонираат оставки.

XS
SM
MD
LG