Линкови за пристапност

Еврокомесарот Јоханес Хан ги расчистува дилемите за датумот на изборите


Тој започна поединечни разговори со секој од потписниците на договорот од Пржино

Премиерот Никола Груевски ја депонираше својата оставка во Собранието на Република Македонија. Ова денеска го потврди Кабинетот на спикерот Трајко Вељановски од каде што јавија дека оставката на премиерот ќе биде ставена на дневен ред на седница која ќе се закаже во зависност од исходот на разговорите кои денеска политичките лидери ги водат со комесарот за проширување Јоханес Хан.

Комесарот Јоханес Хан започна со поединечни разговори со секој од потписниците на договорот од Пржино. Пред почетокот на овие разговори Хан само кусо изјави оти се надева дека денот ќе биде добар.

Прв на поединечна средба со комесарот беше лидерот на опозицискиот СДСМ , Зоран Заев. По разговорите Заев изјави дека главна тема на разговорите е како да се обезбеди фер и демократски изборен процес.

„Оставката на премиерот е условена и тој е свесен дека не се стигнува со роковите за избирачкиот список и медиумите. Се разглобуваат сите детали и сите ние имаме обврска да им гарантираме на граѓаните слободно изразена волја и кристално чист избирачки процес“, изјави Зоран Заев по неговата средба со Јоханес Хан.

По Заев во резиденцијата на амбасадорот на ЕУ, каде што се водат овие разговори пристигна премиерот во заминување Никола Груевски. Неговата средба исто така траеше нешто повеќе од еден час. Груевски по разговорот со Хан одби да зборува за детали од процесот.

„Рано е за изјави сега брзам на отворање на нова фабрика“, изјави Никола Груевски.

По Груевски, со Хан разговор имаше и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

„Сметам дека сите институции треба да се изјаснат за оваа одлука и да дадат проценки и мислења до каде се стигнати подготовките за организирање избори“, изјави Ахмети по средбата.

Во моментов Хан разговара со лидерот на ДПА, Мендух Тачи.

Целта на разговорите е да се направи анализа на постигнатото во процесот на имплементацијата на договорот од Пржино чија цел е да се обезбеди фер и демократски изборен процес за да се надмине актуелната криза.

Договорот предвидува изборите да се одржат на 23-ти април, но опозицијата смета дека тој датум ќе треба да биде поместен бидејќи се пробиени многу рокови, а особено оние за прочистување на избирачкиот список, како и договорот кој треба да обезбеди демократски медиски амбиент.

Крајниот исход на денешните разговори треба да ја расчисти дилемата дали изборите ќе се случат на 23-ти април или ќе бидат поместени за друг датум.

XS
SM
MD
LG