Линкови за пристапност

Сите актери се задоволни, останува да се исполни договореното

  • Синиша Станковиќ

Изборите ќе се одржат на 24 април 2016, а премиерот Груевски ќе поднесе оставка не подоцна од 100 дена пред нивното одржување.

„Минатата ноќ е постигнат е значителен напредок во исполнувањето на Договорот од Пржино и во придвижувањето на земјата. Откако новите закони ќе бидат донесени, важно е фокусирањето кон нивното спроведување, особено на Изборниот законик. САД и меѓународните партнери се подготвени да помогнат“, напишал американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли, на неговиот Твитер-профил, по повод постигнувањето договор меѓу лидерите на четирите најмоќни политички партии, под поктовителство на меѓународната заедница.

По 14-часовни преговори, по полноќ по македонско време, според новите решенија од Законот за Влада, министер за внатрешни работи во преодната влада до изборите напролет ќе биде Оливер Спасовски, а министер за труд и социјална политика ќе биде Фросина Ременски, членови на најтесното раководство на опозиционата СДСМ. Од заменичките места кои ќе и припаднат на опозицијата, заменици ќе бидат Кире Наумов, Александар Кирацовски и Љупчо Николовски, а законите за Влада и за „бомбите“ на опозицијата најверојатно Собранието ќе ги разгледува по викендот. Така се отвора можност за последно исполнување на рокот, пред Извештајот на Европската комисија.

Денес и ЕК реагираше на позитивниот развој околу Договорот од Пржино: "Гледаме дека партиите се блиску до постигнување договор. Ги охрабруваме сите партии да сторат се што е неопходно во однос на имплементирање на обврските од Договорот од 2 јуни и од 15 јули. Тоа е особено важно во однос на претстојниот извештај за напредокот на Македонија“. Портпаролката на Европската комисија најави дека во Извештајот за напредокот на Македонија ќе биде предвиден и начинот за примена на Договорот. "Комисијата во претстојниот извештај ќе извести за имплементацијата на политичкиот договор и за сите реформи што се поврзани со ЕУ, особено за приоритетните реформи што беа презентирани во јуни“.

Медиумите денес најавија дека во понеделник попладне, комесарот Јоханес Хан во Комисијата за надворешни работи на ЕП, ќе го презентира извештајот на ЕК.

Според ноќеска договореното, изборите ќе се одржат на 24 април 2016, а премиерот Никола Груевски ќе поднесе оставка не подоцна од 100 дена пред одржувањето на изборите. Законот за приватност (за „бомбите“) ќе почне да се применува шест месеци по донесувањето, за да има време за него да се изјасни Венецијанската комисија. Заменик-министрите ќе имаат право на вето за изборните активности, уште од првиот ден, а ако има конфликт околу одлуката на која се однесува ветото, ќе решава ДИК. Деновиве ќе се договорат прашањата поврзани со медиумите и медиумските слободи

Ноќешниот договор го поздрави и претседателот Ѓорге Иванов, со писмена изјава во која се вели дека „резултатот од разговорите на лидерските средби е уште еден доказ дека дијалогот е единствениот начин преку кој можат да се надминат сите предизвици и сите отворени прашања. Сите треба да извлечеме поука од оваа епизода и во иднина сите предизвици да ги надминуваме со политички дијалог во институциите на системот, со целосно и безусловно нивно почитување“.

Лидерот на опозицијата Зоран Заев, истакна дека СДСМ ќе биде гарант за организирање на фер и демократски избори. „Целта е да се демократизира Македонија, а тоа да започне пред се со медиумите и судството“, рече Заев.

Според актуелниот премиер Груевски, постигната е целта на власта.„Датумот на избори е бетониран и ќе се одржат на 24 април... Сакам да кажам дека вечерва заврши успешно. Состанокот што го имавме меѓу четирите партии заврши успешно, јас сум многу задоволен од она што го договоривм. Наша стратешка цел како партија беше да се бетонира датумот на избори. СДСМ имаше обиди да го одложи, односно бараше да биде одложен. Ние тоа не го дозволивме. Инсистиравме да остане 24 април и успеавме во тоа“, рече Груевски

Новиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски најави дека целта на опозицијата „нема да биде разрешување на кадрите, туку да се стабилизира состојбата и да се врати вербата на граѓаните во институциите“. Според него целта на СДСМ е да бидат дел од контролните механизми на власта, а не да владеат со нив.

Наспроти постигнувањето на договорот, европратеникот Ричард Ховит, потенцираше дека „на 15 јули Македонија успеа да не падне од работ на бездната, но сè уште стои на работ... Мислам дека не може да се каже дека Македонија е оставена сама. Во последните години, таа е заглавена и тоа не сакам да го гледам, сакам да видам промена. Затоа, кога луѓето ми приоѓаат на улица и ме прашуваат што ќе се случи, им велам ‘Продолжете да се надевате, затоа што и јас продолжувам да се надевам за оваа земја’“.

XS
SM
MD
LG