Линкови за пристапност

Преговорите заглавија на гласањето на дијаспората


Се пробиваат роковите за имплементацијата на договорот од Пржино за надминување на политичката криза.

По успехот во предвидениот рок да биде именуван специјален обвинител, партиите-потписнички на договорот од Пржино сега го пробија рокот за усогласување на ставовите околу измените во изборните закони. На 10-ти октовмри не беше постигнат договорот и преговорите се` уште траат.

Двете најголеми партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ меѓусебно се обвинуваат за блокирање на процесот.

Во врска со актуелниот застој, Гласот на Америка разговараше со директорот на невладината организација МОСТ, Дарко Алексов, вклучен во овој процес.

„Официјалните и неофицијалните информации коишто доаѓаат од преговорите укажуваат на тоа дека работната група има проблем да се усогласи за две прашања: двојно мнозинство при одлучувањето и гласањето на дијаспората“, вели Алексов.

Најголемите разлики меѓу партиите се поврзани со гласањето на дијаспората.

За ова, МОСТ има неколкупати нагласено дека за претстојните избори тоа треба да се суспендира, со цел, по изборите да се отвори дебата за сите негови аспекти.

„Доколку политичките партии сакаат на секој државјанин на Република Македонија кој живее во странство да му овозможат еднаков пристап до гласачкото место, односно еднакви услови за да може да го оствари своето гласачко право, тогаш би требало да ја земат предвид нашата препорака“, вели Дарко Алексов од МОСТ за Гласот на Америка на македонски.

Проблематичноста околу прашањето за дијаспората ја потврди и медијаторот во преговорите, белгискиот експерт Питер Ванхауте.

„Постигнавме приближување на позициите за избирачкиот список и за повеќето од точките, а остануваат некои како гласањето на дијаспората. Има помалку разбирање на таа тема“, изјави тој.

XS
SM
MD
LG