Линкови за пристапност

Законот за забрана на бомбите го заглави преговарачкиот процес за Пржино

  • Борјан Јовановски

Измените во изборниот законик предвидени со договорот од Пржино не беа донесени во предвидениот рок што истече на полноќ.

Финишот на разговорите на оваа тема го заглави предлог-законот на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за забрана на јавна презентација на бомбите на СДСМ.

СДСМ побарал повлекување на предлог-законот, негова доработка и истовремена заштита на т.н. „свиркачи“.

Владеачките партии прифатиле да бараат начин за надминување на новата криза во преговорите. По консултациите со претседателот на Парламентот, Трајко Вељаноски, отфрлена е можноста тој да не го стави на дневен ред предложениот закон. Како најдобро решение е договорено самите предлагачи да го повлечат законот, меѓутоа, Талат Џафери од ДУИ, како еден од потписниците на предлогот, одбил да го стори тоа.

По ваквиот развој на настаните, учесниците во преговорите меѓусебно се обвинуваат за кочење на политичкиот процес за излез од кризата. Предлог-законот со којшто треба да се забрани јавната презентација на бомбите на опозицијата наиде на бурни реакции во јавноста.

Граѓанската иницијатива „АЈДЕ“ обвинувајќи ги предлагачите на Законот дека го кршат Уставот каде се забранува цензурата, за вечерва пред собранието најавија протест.

Со реакција се огласи и Организацијата на медиуми од Југоисточна Европа со седиште во Виена, којашто оваа мерка ја оцени како нова закана за слободата на изразувањето во Македонија.

XS
SM
MD
LG