Линкови за пристапност

Основниот суд Скопје 1 - со одлука за „бомбите“


Решението да не ги прифати прислушуваните разговори како докази, предизвика бројни реакции во јавноста

„Постапувајќи по барање за издвојување на докази од списи на Основното Јавно обвинителство согласно чл. 93 вв чл 12 од ЗКП, поднесено од адвокат Никола Додевски, судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, донесе решение со кое се уважува барањето за издвојување на докази – снимки од телефонски разговори и транскрипти на истите од предметите на ОЈО, оформени по поднесена кривична пријава на Социјал Демократкиот Сојуз на Македонија“, се вели во соопштението на судот“.

Во барањето до судија на претходна постапка, наведено е дека до ОЈО Скопје се поднесени кривични пријави и се води постапка против осомничените Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиевски, Кирил Божиновски, Сашо Мијалков, Ирена Мишева, Мартин Протуѓер, Тони Трајковски и Коце Трајановски, а снимките од телефонски разговори и траснкрипти од истите приложени како доказ во предметите за сторено кривично дело треба да се издвојат како незаконски прибавени докази бидејќи согласно чл. 12 с.2 од ЗКП не може да се користат и врз нив да се заснова судска одлука, а согласно чл. 93 од ЗКП надлежен за донесување на решение за издвојување докази од списи е судија на претходна постапка најдоцна до завршување на истражна постапка, појаснува Судот во соопштението.

Ова е реакцијата на Социјалдемократите по оваа одлуката на Судот: „Најголемиот страв на Никола Груевски излезе на површина, а тоа е соочување со обвинение. Вчерашната одлука на судот е незаконска. Судот нема право да постапува по барање на Груевски и другите осомничени за издвојување на докази“, рече генералиот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски.

Според СДСМ, премиерот со барањето да се издвојат доказите од прислушуваните материјали ја признал сопствената вина за сите злодела што им ги направил на граѓаните на земјава. „Девет месеци ја лажеше јавноста дека прислушуваните материјали кои го покажаа неговиот криминал се сечени, лепени, креирани и монтирани. Вчера тој ја потврди содржината на прислушуваните материјали, доказите и документите објавени во проектот „Вистината за Македонија“, рече Спасовски.

Од своја страна, владеачката ВМРО ДПМНЕ реакцијата на СДСМ ја оцени како израз на паника. „СДСМ се во паника бидејќи креираните материјали, согласно важечките закони, судот ги отфрли од доказна постапка како незаконски" велат од ВМРО-ДПМНЕ по изјавата на Спасовски. Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ знаел дека прислушуваните материјали ќе бидат отфрлени од судот, а тоа го знаела и целата стручна јавност. „Затоа што законот е многу јасен, но се правеа наудрени и незналици, со цел да го лажат членството дека со креираните и монтирани материјали и со манипулации преку нив ќе дојдат на власт“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во јавната расправа која се отвори по објавата на одлуката на Судот, се огласи и амбасадата на САД во Скопје. Преку соопштение, САД велат дека „сите делови од договорите од 2-ри јуни и 15-ти јули мора да се имплементираат, за Македонија да може да ја реши и да ја надмине политичката криза. Ја повикуваме Владата на Македонија и сите политички партии да оневозможат било какви дејствија што би ја попречиле можноста специјалниот обвинител да дејствува со потполна автономија, како што повикуваат двата договора". Амбасадата на САД вели дека верува дека „веродостојно разгледување на случаите кои се поврзани со, или пак произлегуваат од следењето на комуникациите, е од најдобар интерес за сите партии и за граѓаните на Македонија. Очекуваме сите судски постапки во Македонија да се спроведат почитувајќи ги во целост принципите на националното и меѓународното право, вклучувајќи ја и релевантната судска пракса според Европската конвенција за човекови права", се наведува во соопштението на Амбасадата на САД во Македонија по одлуката на Основниот суд Скопје 1.

Со свој став на судската одлука со која снимките од прислушуваните разговори се издвојуваат како незаконски прибавени докази, се произнесе и Европката комисија. „Европската комисија не ги коментира поединечните судски случаи, особено не оние во прв степен, кои се предмет на жалба и на тој начин не се конечни. Европската комисија очекува сите судски постапки во земјата да бидат спроведени со целосно почитување на принципите на националното, како и на меѓународното право, вклучувајќи ја и релевантната судска практика според Европската конвенција за човекови права“, се вели во реакцијата на ЕК.

Со правно толкување се јави и Хелсиншкиот комитет. Според нив, одлуката „бомбите“ да не бидат доказ пред суд е незаконска. Имено, велат дека адвокатот на Никола Груевски и соработниците можел да побара прислушуваните разговори да не бидат доказ. Но тоа може да се случи кога предметите против Премиерот и другите би биле во истражна постапка, а во случајот тие не се. „Ова од причина што се уште станува збор за предистражна постапка, по кривичните пријави кои беа поднесени од СДСМ. Тоа значи дека обвинителството се` уште нема донесено решение за отварање на формална истражна постапка. Според законот за кривична постапка, во предистражна постапка, прво и прво таа постапка е тајна. Значи не може судијата да ги бара списите од тие предмети и да ги издвојува“, велат од Хелсиншкиот комитет.

XS
SM
MD
LG