Линкови за пристапност

Заев: „Само оставка на Груевски е решение“


Единствениот кандидат Груевски речиси едногласно е реизбран за лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

„Никола Груевски мора да даде оставка за да се нормализираат состојбите во Република Македонија со конечна цел - подготовка на предвремени парламентарни избори. Не се работи за наши барања дали некој нешто задоволува или не, се работи за ослободување на Македонија од прангите на автократскиот режим којшто е поставен во државата“, изјави лидерот на опозционата СДСМ, Зоран Заев, како реакција на говорот на старо-новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, на вчерашниот конгрес на владеачката партија.

Според опозициската СДСМ, Груевски на партискиот конгрес ги признал доказите од „Вистината за Македонија“, „што го разобличија неговото вистинско, сурово и криминално лице. Ги призна и катастрофалните политики, што не успеа да ги покрие со честите менувања на законите, ..го призна и апсурдниот проект Скопје 2014, што однесе над 600.000.000 евра во џебовите на Фамилијата“, стои во реакцијата на СДСМ, според која, Груевски намерно конгресот на ВМРО-ДПМНЕ го закажал за време на празник и продолжен викенд.

И според агенцијата Мета, конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, кој првично беше најавен за 9-ти мај, бил поместен една недела порано „од стратешки и безбедносни причини“, но од ВМРО-ДПМНЕ демантираа дека преместувањето на конгресот за 2-ри и за 3-ти мај е поврзано со најавените протести на опозицијата, првично најавени за 9-ти, а потоа и за 17-ти мај.

На седмиот конгрес на партијата ВМРО-ДПМНЕ, одржан во Куманово во саботата и неделата, или според самата партија која ги брои и конгресите на историското ВМРО, на 15-иот конгрес, од 560 делегати, гласале 529. За Груевски како единствен кандидат биле 528, а само едно ливче e неважечко.

На конгресот Груевски изјави дека не се нафатил со функцијата за некој да му се заблагодари, туку за да да им помогне на својата држава и народ.

„Во 2006-тата заедно со вас, почитувани сопартијци, ја побарав шансата од граѓаните да покажам дека може и поинаку и далеку подобро. И сите ние заедно покажавме. Тоа е нашата, тоа е мојата сатисфакција. Работам по 12 до 15 часа секој ден, но си одам исполнет заради реализираните замисли за напредок и прогрес“, рече Груевски, според кого, целта на ВМРО-ДПМНЕ е европска Македонија.

„Македонија дефинитивно ја вративме на народот, а не на елитите и на олигарсите. Гласот на народот не беше игнориран“, потенцираше Груевски, кој рече и дека опозицијата е најнедемократскиот фактор во Македонија, дека има деструктивна агенда и дека приказната на опозицијата за наводно недемократскиот режим во Македонија, поради свои интереси, ја прифатил и дел од меѓународната заедница.

Тој на опозицијата и понуди пет теми за меѓупартиски консензус, за кои немало да се води дневната политика и нема да се собираат дневно-политички поени. „Максимално висок квалитет во образованието, инвестициите и претприемаштвото и мерките за олеснување на бизнисот. Второ, прашања поврзани со стабилноста на земјата, меѓуетничките односи и безбедноста на земјата, трето, проблемот со името, четврто, отворање на работни места и петто, повисоки стандарди во секоја сфера и во секој сектор“, рече Греувски.

На ваквиот говор на Груевски покрај опозицијата, реагираше и дел од експертската јавност. Според еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ, универзитетскиот професор Јове Кекеновски, поддршката која ја доби Груевски на конгресот, ќе била со краток здив.

Кекеновски за Дојче Веле изјави: „Треба да се прашаме дали легалитетот не значи и легитимитет, затоа што во овој случај не е проблем да соберете неколку стотици луѓе кои се на државен буџет и да ви дадат поддршка... Делегатите немаа капацитет и доблест да и` погледнат на вистината во очи и да сфатат дека времето на нивниот вожд одамна е поминато, на кој наместо реизбор потребено беше барање лична одговорност.“

XS
SM
MD
LG