Линкови за пристапност

Почетокот на екстерното тестирање пропратен со политички реакции

  • Борјан Јовановски

Опозицискиот СДСМ бара укинување, владејачката ВМРО-ДПМНЕ предвидува резултати на подолг рок.

Денеска започна екстерното тестирање на учениците од основното и средното образование. Целта на тестирањето е да се процени дали учениците биле оценувани објективно од страна на наставниците во текот на учебната година.

Екстерното тестирање веќе втора година по ред предизвикува бурни реакции меѓу учениците и наставниот кадар. Дел од нив сметаат дека ваквиот начин на оценување само создава дополнителни обврски, за сите, и го дефокусира наставниот процес.

На првиот ден од тестирањето стигнаа и реакции во врска со техничките проблеми што се појавиле во некои училишта, а се однесуваат на застои на системот. Раководствата на училиштата каде се јавиле ваквите проблеми уверуваа дека истите ќе бидат надминати.

Како и лани, и годинава екстерното тестирање беше повод за политичка пресметка меѓу власта и опозицијата.

Опозицискиот СДСМ побара тестирањето веднаш да биде укинато.

„Експериментирањето отиде до таму што оваа година се јавно објавени прашањата за тестовите, по сите предмети, но тие се и до 400-тини прашања по предмет, во зависност од фондот на часови во текот на неделата. За 4 дена во неделата математика, има точно 400-тини прашања за екстерно! За 14 предмети, тоа се и до 5.000 прашања пред учениците од сите возрасти, од најмалите од 4-то одделение, до матурантите од 4-та година. Да не говориме за контроверзните и лошо формулирани прашања, што ни наставници не знаат кој е точниот одговор“, стои во соопштението од СДСМ.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, смета дека овој процес ќе донесе резултати на подолг рок.

„СДСМ се обидува да постигне политички поени напаѓајќи го проектот за екстерно тестирање. Проектот на долг рок ќе даде резултати, односно пообразувана младина, повеќе знаење и умешност“, оценува партијата во писмената реакција.

ВМРО-ДПМНЕ нагласува дека екстерното тестирање претставува една од најкрупните реформи во образовниот систем што ќе помогне во унапредувањето на образованието и неговото доближување до европските стандарди.

Екстерното тестирање опфаќа околу 190.000 македонски основци и средношколци. Тие ќе одговараат на над 3.000 прашања од повеќе предмети што ги изучувале во текот на годинава, а кои на почетокот на мај беа објавени на Интернет-страницата на Државниот испитен центар.

Повеќе коментари

XS
SM
MD
LG