Линкови за пристапност

Утре нов датум за избори?


Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски и новинарот Ацо Кабранов, за Гласот нa Америка, ја анализираат состојбата пред утрешната лидерска средба

Очекувањата се дека на утрешната лидерска средба Никола Груевски, Али Ахмети, Зоран Заев и Мендух Тачи ќе се договорат до крајот на годината да има предвремени парламентарни избори.

Како најверојатен термин што треба да биде потврден се споменува 11-ти декември.

Сигналите од партиите се дека речиси е извесно утре да се донесе позитивна одлука за ново изборно соочување. Во таа насока се и проценките на експертската јавност и новинарската заедница.

Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски, за Гласот на Америка објаснува зошто е малку веројатно да има евентуално одложување на изборите за догодина.

„Секој обид за одложување на која било страна директно ќе се одрази, и тоа негативно, врз поддршката што ја има таа партија, без да навлегувам во тоа за која партија станува збор. Мислам дека и самите партии се свесни за тоа и затоа верувам дека ќе се договорат околу датумот за избори, за оној за што се говори 11-ти декември“, вели Божиновски.

Вели дека избори в зима се невообичаени, надвор од вообичаените термини, но повторува дека дури и избори на први јануари се подобро решение од ново одложување.

Долгогодишниот новинар Ацо Кабранов смета дека ваквата ситуација е неодржлива и избори во декември ќе има, иако како што вели, условите за фер процес се далеку од исполенти.

„Јас мислам дека утре четирите лидери конечно ќе потврдат дека на 11-ти декември ќе има предвремени избори, не затоа што колку толку се исполниле условите од Пржинскиот договор, туку затоа што има замор, особено кај опозицијата, и веќе се свесни дека институционално тоа е максимум што може да се постигне со ваков режим и со човек како што е Груевски. Очигледно е дека тој не е подготвен на никаква отстапка. На сите ни е јасно дека услови за фер избори тешко да се остварат, но дека ваквата ад-хок состојба „ни на небо, ни на земја“ е штетна“, рече Кабранов.

Ако утре лидерите се согласат дека има напредок во исполнувањето на договорот, и се утврди датум за избори до крајот на годинава, тогаш ќе се формира влада задолжена за нивно спроведување, 100 дена пред одржувањето на изборите, во која дел од ресорите клучни за фер и демократски процес ќе и припаднат на опозицијата.

XS
SM
MD
LG