Линкови за пристапност

Постигнат договор, датумот за избори да се утврди до 31 август


Ова се петте клучни точки на кои треба да работат партиите - Избирачкиот список, медиумите, влада сто дена пред избори, поддршка на СЈО и реформите на Прибе

Политичките партии постигнаа договор. Договорени се мерки во пет области, кои се сметаат за клучни за фер и демократски процес- Избирачкиот список, медиумите, формирање влада задолжена за изборите, поддршка на Специјалното јавно обвинителство и продолжување на реформите наведени во извештајот на Прибе.

Во делот на Избирачкиот список утврдено е дека ќе има итни измени во Изборниот законик, 175.000 гласачи да се стават на дополнителната листа, како и активна верификација на 40.000 спорни избирачи.

Кај медиумите договорени се измени на Законот за аудиовизуелни услуги како и формирање на тело кое ќе го набљудува известувањето на медиумите.

Тоа ќе се состои од пет члена, четири од нив ќе ги бираат партиите на предлог на новинарските здруженија, додека петтиот ќе го изберат четворицата веќе избрани членови.

Владата треба да се избере 100 дена пред одржувањето на изборите, ако тие се закажат за 2016 година. За ингеренциите на министерот за внатрешни работи во таа влада, што беше едно од најпроблематичните прашања, компромисот е дека тој ќе може да врши кадровски хоризонтални смени до десет отсто од вкупните распоредувања во ресорот.

Во случај Уставниот суд да реши дека Законот за СЈО е противсуставен, четирите партии се обврзаа на законски измени кои ќе овозможат формирање на ова обвинителство во рок од пет дена.

„Се надеваме дека овој договор ќе постави пат за кредибилни избори, во кои сите ќе учествуваат и сите ќе ги признаат резултатите“, изјави американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли.

Никола Тодоров, член на Извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ, по состанокот изјави:

„Се отвора можност да се организираат кредибилни избори, на кои ќе учествуваат сите и на кои народот ќе одлучи кому ќе му ја даде довербата“, изјави Тодоров.

Заменик-претседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска рече дека „на почетокот на целиот овој процес ветивме дека овој пат во Македонија прво ќе инсистираме да има обезбедни услови за фер и демократски избори, а дури потоа ќе обезбедиме договор за датумот на изборите. Тоа овој договор го обезбедува“.

Лидерите на четирите политички партии, според постигнатиот договор, до крајот на август треба да го утврдат датумот на предвремените парламентарни избори, кои ќе ги спроведе преодна влада формирана сто дена пред нивното одржување.

Врз основа на проценката за сработеното, ќе зависи дали до крајот на годинава ќе се одржат предвремените парламентарни избори. Како можно време се спомнува средината на декември.

XS
SM
MD
LG