Линкови за пристапност

„Домашните компании оставени на милост на господ...“


Економските аналитичари велат дека одолговлекувањето на кризата во Македонија влијае врз домашните и странски инвестиции.

Неодамна во Охрид се одржа Меѓународна конференција на Македонската берза, на која беше кажано дека политичката криза се одразува и врз работењето на берзата. Домашните компании не се одлучуваат да вложуваат нови средства во проширување на својот бизнис, а одолговлекувањето на политичката криза не носи ниту странски инвестиции, сметаат економски експерти.

Од Стопанската комора на Северозападна Македонија за Гласот на Америка на македонски, велат дека во првите три месеци од годината имало намалување и на Бруто домашниот производ. Последните месеци имало намалување и на потрошувачката што било знак дека народот се плаши да троши.

„Тоа е огромен проблем за економијата, прво психолошки, бидејќи компаниите нема да инвестираат знаејќи дека економскиот циклус е надолен и ќе има рецесија. Реално имаме намалување и на потрошувачката, што е многу важен двигател врз економскиот растеж. Домашните компании се оставени на милост на господ и не се знае што ќе се случува“, вели Милаим Амети од Стопанска комора на Северозападна Македонија

„На долг рок таа недефинирана состојба во државата не влијае позитивно посебно врз странските директни инвестиции. Тоа е фактор што не оди во прилог на привлекување на такви инвестиции, а особено и на домашните компании. Не им дава можност да влезат по храбро во подолгорочни инвестиции за да остварат раст во наредниот период, туку секако дека се воздржуваат и чекаат“, вели Горан Марковски, од Друштво за управување со инвестициски фондови.

Неповолната ситуација ја погоди работата и на Македонска берза.

„Дефинитивно неекономските фактори и пролонгираната политичка криза, не влијае позитивно и придонесува за целосно отсуство на странски инвеститори и за помали апетити и афинитети за прифаќање на ризик“, вели Иван Штериев, директор на Македонска берза.

Неодамна и Светската банка прогнозираше дека Македонија ќе има најнизок економски раст во регионот, од само 2,8 проценти. Експертите се на ист став дека неизвесноста ги натерала компаниите на воздржаност во носењето на одлуки на подолг рок.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG