Линкови за пристапност

Делумната аболиција штетна за евро-интеграциите


Александар Јовановски од Институтот за европска политика, вели дека одлуката на Иванов придонесува за дополнителна ерозија на владеењето на правото

Делумното повлекување на помилувањата, не само што ја комплицира внатрешната политичка ситуација во Македонија, туку и го загрозува процесот на пристапување на земјата во НАТО и ЕУ, вели Александар Јовановски од Институтот за европска политика во интервјуто за Гласот на Америка на македонски. Според него, последната одлука на претседателот Ѓорге Иванов, придонесува за дополнителна ерозија на владеењето на правото.

„Се додека тие лица кои се идентификувани како сторители на кривични дела не бида испроцесирани од страна на СЈО и на судството, не можеме да зборуваме дека станува збор за владеење на правото, што е клучна точка во овој момент. Со тоа се усложнува и пристапувањето во НАТО – за пристапувањето во Алијансата проблем беше само прашањето со Грција, но сега и тие се повлекуваат чекор наназад, велејќи дека целосното повлекување на аболицијата станува едно од клучните точки. Затоа ценам дека аболицијата мора целосно да се повлече“, изјави Александар Јовановски од Институтот за европска политика.

Истото го порачуваат и највлијателните амбасадори во Скопје. Последен во низата е Аиво Орав.

„Бевме сведоци на политичка и правна конфузија предизвикана од помилувањето и делумното укинување на помилувањето, и за жал, оваа конфузија се` уште трае. ЕУ јасно кажа дека селективната правда и неказнивоста се неприфатливи“, изјави евроамбасадорот Аиво Орав.

Претседателот Иванов пак, и натаму тврди дека и одлуката за помилувања, и нејзиното делумно отповикување, се во насока на решавање на политичката криза. Се` уште е нејасно зошто претседателот ја повлече одлуката само за еден дел од аболираните и тоа групата политичари, а не за сите.

„Очекувам сите тие кои не се политичари, а се дел од таа листа во согласност со роковите во законот да ги поднесат нивните барања и да им се овозможи тоа што го бараат – да им се повлече помилувањето“ – рече Иванов.

Во сенка на аболицијата остануваат нерешени дел од клучните прашања за фер избори како што е прочистување на избирачкиот список, медиумската реформа, одвојувањето на партијата од државата, кои пак се во основата на секоја демократија. Затоа, Јовановски порачува дека тие мора итно да се најдат на дневен ред.

„Политичките лидери мора брзо да го најдат начинот за враќање на сите овие фрагментирани процеси во едно тежиште“, вели тој.

XS
SM
MD
LG