Линкови за пристапност

Прашањата само отворени


Допрва ќе се работи на решенија: по првата средба на работната група за надминување на политичката криза во Македонија

Со отворање на прашањата за подобрување на изборниот процес, партиите - потписнички на договорот којшто под набљудување и координација на меѓународната заедница треба да доведе до заздравување на демократскиот амбиент во Македонија, вчера во мисијата на ОБСЕ во Скопје го започнаа процесот за надминување на длабоката политичка криза којашто веќе дваесет месеци ја тресе Македонија.

На првиот состанок на работната група присуствувале претставници на четирите најголеми партии, по две од македонскиот и албанскиот политички блок, како и домашни стручњаци и набљудувачи на изборите од граѓанските организации „Цивил“ и „Мост“ и делегација од Министерството за правда.

Иако по двочасовната средба никој од партиските претставници не излезе со официјален став за темите и успехот на првиот ден на преговорите, сепак, во медиумите беше објавено дека меѓународните стручњаци за спроведување на фер и демократски избори на присутните им презентирале неколку компаративни можности за пречистување на Избирачкиот список, а меѓу нив наводно и предизборното активно регистрирање на гласачите или теренската проверка на избирачкиот список „од врата до врата“. Според првичните медиумски информации, на средбата немало суштински разговори, ниту изнесување на партиските ставови, туку само се отвориле дел од прашањата за подобрување на изборниот процес.

Според договорениот календар на преземени обврски, покрај надминувањето на проблемите со Избирачкиот список и менувањето на Изборниот законик, работната група треба да го уреди и статусот и обврските на Државната изборна комисија, така што до 31-ви јули треба да се определи новиот состав на ДИК, а потоа, до 30-ти септември, Комисијата суштински да се редефинира и да добие поголеми овластувања со коишто би обезбедила фер и слободни избори.

На следниот состанок, најверојатно в понеделник, се очекува на претставниците на четирите партии да им се придружи и белгискиот стручњак Питер Ванхоут, за да започне реализирање на потпишаното: примена на сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР и на препораките од извештајот на Прибе.

XS
SM
MD
LG