Линкови за пристапност

„Турлитава“ против злосторствата од омраза

  • Синиша Станковиќ

Пикник на ХКМ „заедно да ги вкусиме различните традиционални кујни, и заедно да го потенцираме прифаќањето, признавањето и споделувањето“

Одбележувајќи го 22-ри јули, датум што Советот на Европа го предложи за „Европски ден на жртвите од криминал од омраза“, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија (ХКМ) по втор пат организираше настан во Градскиот парк во Скопје, насловен „Турлитава“.

Замислата за пикникот, чиишто соорганизатори беа ЛГБТИ Центарот за поддршка и невладините организации, „Цивил“ и ,,Амбрела“ беше да се надмине „меѓусебното непознавање на различните етнички групи во Македонија, како најчеста причина за создавање конфликтни ситуации и ситуации кои водат кон дела од омраза“.

ХКМ наведува дека идејата е „заедно да ги вкусиме различните традиционални кујни, и заедно да го потенцираме прифаќањето, признавањето и споделувањето... Цениме дека со организирање пикник на кој ќе бидат претставени вкусни традиционални специјалитети застапени во различните етнички кујни во Македонија (македонска, албанска, турска, ромска, српска, бошњачка и други), во директна смисла ќе се посочи на различноста како можност за споделување. Тоа значи дека различните припадности (на етничка, национална, јазична, религиозна, сексуална и други групи) можат да бидат застапени и можат да опстојуваат заедно и еднакво значајно“.

ХКМ, којшто преку проектот „Унапредување на националната инфраструктура против говор на омраза и злосторства од омраза“, поддржан од страна на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, досега евидентирал 223 инциденти сторени поради омраза, на прес-конференција ја претстави пубикацијата Годишен извештај за криминалот од омраза во 2014-та година (со забележани 87 инциденти). Само од почетокот на тековната година, имало 22 инциденти сторени поради омраза. Најчести жртви на злосторства од омраза биле младите, политичките активисти, како и припадниците на ЛГБТИ заедницата.

Според ХКМ, власта и државата Македонија „како да нема волја да ги третира овие прашања“. Комитетот тврди дека надлежните институции во Македонија немаат евиденција за вкупниот број на злосторства сторени од омраза, превентивните мерки се минимали, а надлежните не се обучени за идентификација на делата.

На ваквото тврдење, до испраќањето на извештајот, немаше официјална реакција од државните институции.

Повеќе коментари

XS
SM
MD
LG