Линкови за пристапност

Крај за лустрацијата

  • Синиша Станковиќ

Ненадејно, владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ решија да го завршат контроверзниот процес

Пратениците Илија Димовски и Антонио Милошоски (ВМРО-ДПМНЕ) и Талат Џафери и Рафиз Алити (ДУИ) поднесоа во Собранието Предлог-закон за престанување на важење на Законот за определување на услов за ограничување на вршење на јавна функција, пристап до документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност, за којшто, откако го помина првото читање во Собранието, гласаа сите присутни пратеници – 68.

Со тоа, во Собранието е означен крај на контроверзниот процес на лустрација, којшто од самиот почеток во март 2009-та година предизвика реакции и дебати во македонската јавност, а дел од решенијата според овој закон завршија и пред меѓународните судски инстанци. Комисијата за верификација на фактите („Комисија за лустрација“) за шест години разгледа триесеттина илјади случаи, а за околу 300 лица утврди дека биле соработници на тајните служби во времето на комунизмот. Но, критичарите на контроверзниот процес најчесто обвинуваа дека со лустрацијата главно се опфатени или починати личности, или истакнати критичари на актуелната власт со што, според нив, процесот се претворил во прогон и пресметка со политичките неистомисленици.

Според Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, процесот на лустрација, со којшто наводно се спровела помека верзија на процесот од оние коишто се спроведувале во посткомунистичките држави, „траел сосема доволно време за да се исполнат очекувањата и да се дознае вистината, што беше главната цел на лустрацијата... Лустрацијата не се укинува, ниту се поништува, само завршува“.

Од друга страна, независната пратеничка Роза Топузова-Каревска на парламентарната расправа истакна дека законот не ја оправдал својата цел и дека е добро е што ќе престане да важи. Според Топузова-Каревска, Комисијата имала селективен пристап и дека „сакајќи да исправивме една историска неправда направивме друга, но за тоа ќе судат генерациите после нас“.

И според Алити од ДУИ, законот не ја исполнил целта, оти „илјадници Албанци се држани во затвор, еден дел беше ликвидиран по затворите. Со овој закон не успеавме да ги расветлиме имињата на оние што ги донеле одлуките. Ние како држава и земја треба да ги побараме досиејата од Белград за да се направи вистинска лустрација. Се` додека не се направи тоа, многу работи ќе останат отворени, им го должиме тоа на настраданите во комунизмот“.

Комисијата за верификација на фактите ќе работи до 1-ви септември и ќе ги процесуира веќе започнатите постапки за кои има донесено решенија, но нема да покренува нови постапки.

Прекинувањето на контроверзниот процес беше еден од приоритетите за заздравување на политичката клима и надминување на длабоката политичка криза.

XS
SM
MD
LG