Линкови за пристапност

Собранието реши да нема избори на 5 јуни


Со измените на Изборниот законик по предлог на ДУИ, за кои гласаа 96 пратеници, не е предвиден нов датум за одржување на предвремените парламентарни избори

По долго очекуваната одлука на Уставниот суд, кој денес донесе времена мерка за замрзнување на сите изборни активности, за да се преиспита уставноста на одлуката за самораспуштање на Собранието со одложена примена, попладнево и вечерва во Скопје, се одржа 101 седница на парламентот.

Како што најави лидерот на ДПА Мендух Тачи, според кого повторното свикување на Собранието е „политички договор помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ“, пратениците од ДПА не присуствуваа на седницата, а по жестоката дискусија со многубројни меѓусебни обвинувања на пратениците на владеачките ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ и на опозиционата СДСМ, 96 пратеници вечерва ги изгласаа измените на Изборниот законик, со кои се одложуваат предвремените избори кои беа закажани за 5 јуни, откако претходно, веќе беа одложени од првичниот термин на 24 април, поради неисполнетите услови од Пржинскиот договор.

Претходно, во попладневниот дел на седницата Собранието ги констатираше оставките на министрите Оливер Спасовски и Фросина Ременски од СДСМ, кои тие и дополнителните заменици министри од редовите на опозицијата ги поднесоа на 6 април, пред распуштањето на парламентот, и беше прифатен предлогот на техничкиот премиер Емил Димитриев, старо-нови министри за труд и социјална политика и за внатрешни работи, да бидат Диме Спасов и Митко Чавков од ВМРО-ДПМНЕ. По ваквата одлука на мнозинството, пратениците од опозицијата ја напуштија седницата.

Едногласната одлука на Уставниот суд да ја прифати иницијативата на ДУИ и да донесе времена мерка за запирање на изборните дејствија и на отпочнатата изборна кампања за изборите на кои како единствен учесник беше најавена ВМРО-ДПМНЕ, беше поздравена од претставниците на меѓународната заедница, но останува отворено - дали денешните настани ќе влијаат на надминување или на продлабочување на двегодишна политичка криза во Македонија.

Следно спорно прашање е контроверзната одлука за помилување на 56 политичари донесена од претседателот Ѓорге Иванов, поради која со седмици на улиците на десетици градови, граѓаните протестираат во таканаречената Шарена револуција.

Според соопштението на амбасадата на САД, одлуката на Уставниот суд претставува обновена можност за Собранието и за политичките лидери, да „покажат на дело дека се силно посветени на Пржинскиот договор и неговите начела -- владеење на правото, одговорност, инклузивност и кредибилни избори, што претставува најдобар начин за земјата да излезе од сегашната криза“.

Амбасадата на САД повика и итно поништување на одлуката на претседателот Иванов за помилувањата донесена на 12 април, „на начин на кој ќе се зачува начелото на одговорност, ќе се избегне селективна примена на правдата и ќе се неутрализира сериозната загриженост во врска со неказнивоста„.

Според соопштението, политичките партии треба недвосмислено да го поддржат Специјалното јавно обвинителство, чие „непречено работење е клучно за да се утврди одговорноста за можни злоупотреби поврзани со прислушувањата и за надминување на сегашната криза“. Амбасадата на САД порачува дека „ветувања за реформи или искази за намера нема да ја вратат земјата на евро-атлантскиот пат. Делата ќе го сторат тоа“.

Во сличен тон е и заедничкото соопштение на високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ Федерика Могерини и на еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, според кои, одлуката на Уставниот суд е „враќање на можноста - државата да се осврне на повеќе сериозни прашања кои се во срцето на пролонгираната политичка криза. Патот напред мора да биде дефиниран од главните политички партии заедно, бидејќи само со зрел дијалог инклузивност и посветеност на демократските принципи, како и на неопходните реформи и нивното спроведување земјата ќе се врати на евроатлантскиот пат“.

И европските дипломати потенцираат дека „помилувањата од 12 април мора да бидат повлечени без какво било одложување за да се зачува принципот на одговорност, да се преземат мерки во врска со загриженостите за неказнивост и да се избегне селективна правда. Фундаментално демократско право е сите граѓани да бидат еднакви пред законот“.

XS
SM
MD
LG