Линкови за пристапност

Во Македонија паѓаат цените, но не колку што граѓаните очекувале

  • Соња Трајковска

Ниската цена на нафтата повлече поевтинување на месото и се најавува дека следен е зеленчукот, но не и на лебот, млекото и превозот

Континуираното намалување на цената на нафтата не ги израдува само возачите. Во јануари, што се смета за најдолгиот месец во годината поради празничните трошоци, позитивно одекнаа најавите за намалување на цените на дел од продуктите за исхрана, како резултат на намалувањето на цените на горивата, условено пак, од падот на цената на нафтата на светските берзи.

Зеленчукот, месото, маслото за јадење се првите производи каде се очекува намалувањето, бидејќи токму цената на горивата во голем дел учествува во формирањето на нивната производствена цена.

„Веќе ги намаливме цените на сувомеснататите производи, и тие се веќе намалени во малопродажбата. А од денеска со намалена цена ќе се продава и свежото свинско месо, за околу пет проценти“, вели Влатко Ѓоргиевски, од компанијата МИК од Свети Николе.

Следни на листата се земјоделските производи, но не на веќе произведените, есенски, туку на пролетните кои допрва ќе доаѓаат на пазарите и во маркетите, за дури и до 30 проценти, бидејќи горивата во вкупните трошоци на земјоделското прозиводство учествува со околу 60 отсто.

„Во делот на градинарското производство, каде има големо намалување на трошоците, треба да се очекува сериозно поевтинување. Тоа е оранжериското и пластеничкото производство каде се употребуваат големи количини мазут. Намалување исто така треба да има и кај пченката, индустриските култури, сончогледот“, вели Огнен Оровчанец, претседател на Агробизнис комората во Сојузот на стопански комори.

И тука се затвора кругот на поевтинувања, иако таа листа може и да се прошири. Нема веројатност дека ќе поевтинат лебот и печивата, млечните производи или превозот.

Од пекарската индустрија велат дека нафтата учествува со мал процент во трошоците, бидејќи користат гас и струја, чија цена не е намалена, а исто така и цената на пченицата на светските берзи постојано расте.

Кај млечните производи, како што деновиве се изјаснија дел од производителите, намалувањето на ценатата на нафтата нема да ги намали цените, туку ќе се искористи за покривање на загубите што ги трпеле изминатите години, кога цената на бензините растела, а цените на млечните производи останале исти.

Покривањето на досегашните загуби е причина и цените во јавниот и приватниот превоз да останат непроменети, иако најмногу од сите други услуги, токму оваа е зависна од пазарната вредност на горивата. И од скопските градски власти и од приватната компанија „Слобода превоз“ тврдат дека моменталните цени на превозот во Скопје се најниски во регионот, а падот на цените на горивата ќе ги амортизира досегашните трошоци. „Градот Скопје континуирано го субвенционира превозот на ЈСП „Скопје“ во интерес на граѓаните. Доколку цената на билетот во би се одредувала според пазарната вредност, истата би чинела многу поскапо“, објаснуваат од локалната власт на главниот град.

Во декември минатата година, Државниот завод за сатистика кај дел од земјоделските производи регистрираше пораст на цените во споредба со претходната година - за една година, цените на зеленчукот се зголемиле за 3,3 отсто, а на млекото, сирењето и јајцата за 0,9 отсто.

И производителите и економските аналитичари сметаат дека за да се почувствуваат ефектите од пониските цени на горивата, треба да помине подолг временски период, а на евентуалното намалување на цените на производите ќе влијае и конкуренцијата, која всушност и ги диктира пазарните цени.

XS
SM
MD
LG