Линкови за пристапност

Доживотен затвор за шестмина обвинети и една ослободителна пресуда

  • Соња Трајковска

Епилог на судскиот процес за убиствата кај Смилковско Езеро

Доживотен затвор за шестмина обвинети и една ослободителна пресуда е епилогот на судскиот процес за едно од најсвирепите убиства во историјата на Македонија - на момчињата Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски, Александар Наќевски, Филип Славковски и рибарот Борче Стефковски, на 12-ти април 2012-та, на Велики четврток, кај Смилковското Езеро во околината на Скопје.

Обвинителството во ова убиство препозна терористички акт за предизвикување чувство на страв и несигурност кај македонското население. Одбраната, пак тврдеше дека јавниот обвинител не пружил ниту еден непосреден доказ.

Најстрогата казна во македонското правосудство им е изречена на Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута, обвинети за тероризам и помагање на тероризам. Единствено петтоoбвинетиот Сејди Рами доби ослободителна пресуда поради немање на цврсти докази за утврдување на вина.

„Се работи за настан од кој беше згрозена целата македонска јавност, настан во кој пет млади луѓе прерано го завршија својот живот, настан кој ќе остане врежан кај сите граѓани без оглед на нивната верска, етничка или било каква друга припадност. И покрај различната етничка припадност на жртвите и на обвинетите, оваа постапка не треба да ги доведе во прашање меѓучовечките односи и соживотот во Република Македоднија, како што некој тоа сакаше да го прикаже во јавноста. Oвде, во оваа судница, се суди за сторени, конкретни кривични дела, за конкретно преземени дејствија и се суди врз основа на докази според кои се одредува вина, а не врз основа на емоции“, рече судијата Ивица Стефановски во образложението на првостепената пресуда.

Додека Основниот суд Скопје 1 беше под засилено полициско обезбедување, пресудите за случајот со кодно име „Монструм“, по одржани 46 рочишта во текот на една и пол година, беа изречени во напната и емотивна атмосфера. Сето тоа можеа да го регистрираат и телевизиските камери, со што случајот ќе остане карактеристичен и по тој елемент, инаку реткост во македонската судска пракса.

Судијата Стефановски во образложението истакна дека врз основа на бројните материјални и вербални докази се докажала вината на шестмина од обвинетите, додавајќи дека признанието на Хаки Азири, кој прво се водеше како загрозен сведок, а подоцна како обвинет, било поткрепено и со материјални докази добиени со вештачењето – биолошки траги во возилото „Опел омега“, примероците земја најдена на калниците од возилото што се совпаѓаат со примероците од земја од местото на убиството, дел од муницијата пронајдена на местото на убиството што соодејствува со автоматска пушка од која во 2009 година било пукано на фармата на еден од обвинетите... Посебните истражни мерки пак, според судијата Стефановски, утврдиле дека обвинетиот Фејзи Азири им помогнал на двајцата првообвинети Алил Демири и Африм Исмаиловиќ да побегнат во Косово.

Во образложението на пресудата, судијата ги посочи и фотографиите од Смилковскоте Езеро и обиколницата најдени во комјутерот на Алил Демири, истакнувајќи дека тие убиството го извршиле според смислен план и на свиреп начин.

„Добро ја одбрале локацијата каде што секогаш има луѓе, но е и во близина на обиколницата, за да може лесно да се избега. И времето било испланирано, бидејќи тогаш се замрачува, а поголемиот дел од рибарите си заминуваат“, истакна судијата Стефановски.

Пресудата беше проследена со молк, и од семејствата на обвинетите и на жртвите.

Најемотивно реагираше Сејди Рами. Тој доби ослободителна пресуда, бидејќи судот смета дека нема цврсти докази за обвиненијата дека „бил во контакт со лица кои биле логистика на извршителите“ на петкратното убиство.

Пресудата не ја слушнаа првообвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ. Тие се во затвор во Kосово, каде се осудени за недозволено поседување оружје. Косовските власти се` уште не одговориле на барањето за екстрадиција во Македонија.

„Ова е далеку од правна држава, а тоа го покажува токму оваа пресуда. Вокабуларот на претседателот на Советот, кој употреби термин „фрла сомнение“, укажува дека сомнението секогаш оди во прилог на обвинетите. Јас сметам дека оваа пресуда е базирана само на сомнение, нема никакви докази и образложението тера на големи сомненија на владеењето на правото во Република Македонија. Ќе ја обжалиме пресудата во рок од 15 дена“, изјави Насер Рауфи, адвокат на обвинетите.

Митко Солаков, адвокатот на единствениот ослободен Сејди Рами, не знаеше дали неговиот клиент ќе ја тужи државата поради двете години минати во притвор.

„Не знам, немам мандат од негова страна да давам таква изјава, јас не знам за тоа, самиот тој ќе си одлучи. Не можам да бидам среќен во овој момент бидејќи за сите други обвинети јас сум убеден дека во текот на постапката немаше некој цврст доказ со кој ќе се докаже нивната вина. Можеби имаше некои индиции, меѓутоа, цврсти докази немаше во овој кривично-правичен предмет“, изјави Солаков.

Семејствата на жртвите се задоволни од пресудите за, како што велат, извршителите, но се сомневаат дека зад ова стојат и нарачатели.

„Да не се плаши државата, да ги упаси нарачателите. Ги знае државата, тоа е должност кон децата“, рече Горан Наќевски, татко на убиениот Александар.

„Фкт е дека има и нарачатели зад сето ова. Разбрав за некои пет телефонски броеви да останат државна тајна. Тоа е нешто сомнително“, вели Раде Славковски, татко на убиениот Филип.

За роднините на обвинетите, пак, пресудата се знаела уште кога биле уапсени, а сега само станала јавна.

„Не знам дали ќе организираме протести, ќе видиме, ќе се консултираме со семејството и ќе одлучиме. Ова е голема неправда не води кон никаде. Што ако ги осудиле, дали на душата им олесна на семејството ако осудиле невини луѓе, ќе се задоволи ли правдата?“, праша Бедри Ајдари, брат на обвинетиот Фејзи Азири.

Освен Рами, кој од денеска е на слобода, останатите обвинети остануваат во притвор до правосилноста на пресудата.

XS
SM
MD
LG