Линкови за пристапност

Охрид: Премиера на „Џган“


„Пораката на филмот е дека никој не се родил насилен“ вели еден од актерите.

„Џган“ е најновиот македонски игран филм кој свое претставување имаше и пред охридската публика. Режисерот Вардан Тозија вели дека децениски проблем во Македонија е прашањето на запоставените и маргинализирани млади луѓе во општеството. Тоа било едно од прашањата кое од секогаш кај него создавало фрустрација. Затоа, неговиот филм првенец има за цел да претстави дел од тие проблеми.

„Филмот 'Џган' се одвива во оквирите на дом за деца без родители, меѓутоа тие млади луѓе живеат и надвор од тие ѕидови. За нивните животни приказни и покрај тоа што системски не функционираат работите, виновни сме до некаде и сите ние, затоа што ние поставуваме невидливи ѕидови и замижуваме пред сето тоа“ вели Тозија.

Низа од свирепи околности кои претвораат тивко и повлечено момче во суров, бескомпромисен водач на група отфрлени штитеници од дом за деца без родители, е носечката приказна во филмот. Главните улоги ги толкуваат младите актери, 18 годишниот Мартин Ѓоргоски и 26 годишниот Дениз Абдула.

„Пораката на филмот е дека никој не се родил насилен, дека насилството генерира само насилство како што е прикажано во филмот“ вели Ѓоргоски.

Ова е приказна за група деца без родители или домци, како што се нарекуваат во филмот, коишто се обидуваат да ги исправат работите произлезени од нивното маргинализирање во општеството, вели Абдула.

Режисерот Тозија очекува одлична меѓународна промоција на „Џган“.

Негов приоритет е претставување на филмот на филмски фестивали, како што вели тој од „А“ категорија.

„Џган“ е сниман на повеќе од педест локации во главниот град Скопје. Филмот е финансиски поддржан и од Агенцијата за филм на Република Македонија и SEE Cinema network.

XS
SM
MD
LG