Линкови за пристапност

По вчерашниот инцидент на јужната граница, мирно, но неизвесно


Бегалската криза ќе биде главен фокус во агендата на претседателот на Европскиот совет Доналд Туск кој утре ќе ја посети Македонија

Мирно, но со голема доза на неизвесност во исчекување на идните настани. Вака може да се опише ситуацијата на македонско - грчката граница по вчерашните инциденти, кога бегалците од неутралната зона се обидоа со столб од оградата да ја урнат капијата и да ја пробијат жицата за да влезат во Македонија, а полициските сили ги спречија со солзавец и чадни бомби. Во инцидентот во кој летаа и камења од редовите на бегалците кон полицискиот кордон, еден од полицајците беше повреден.

На границата денес нема инциденти. Според медиумите, денес бегалците само поставиле цвеќе на оградата и скандирале „Отворете ја границата“. Иако е мирно, на граничната линија, кај Котата 59 е забележлив зголемен број на армиски и полициски сили. Околу 700 припадници на македонските безбедносни сили се лоцирани на границата, откако и пешадиски баталјон на АРМ и полициска чета со специјализирани возила се поставени на тој потег, а зголемено е обезбедувањето од страна на властите на Грција.

На грчка страна, според тамошните медиуми, има околу десет илјади бегалци, а постојано пристигнуваат нови автобуси. Во кампот на македонска страна речиси и нема бегалци, но поради блокадите на бегалците, не функционира железничкиот сообраќај. Хуманитарните работници посочуваат во медиумите дека во Македонија веќе не се пропуштаат бегалци од Авганистан, туку само оние од Ирак и Сирија, но дека нема решение ни за Авганистанците, ни за „заглавените“ бегалци и на грчко -македонската и на македонско - српската граница.

Бегалската криза ќе биде главен фокус во агендата на претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, кој утре ќе ја посети Македонија.

Иако политичката криза и спроведувањето на Договорот од Пржино, според најавите, се главни теми за разговор на американскиот заменик - помошник државен секретар Хојт Брајан Ји кој во четврток ќе ја посети Македонија, можно е дел од дискусиите да бидат и за македонското справување со бегалската криза.

XS
SM
MD
LG