Линкови за пристапност

УНХЦР го подига нивото на ургентност за мигрантите во Македонија


Невладините организации укажуваат на мошне лошите услови во прифатните центри

Како што се предвидуваше, бројот на бегалци од воените жаришта во Сирија се зголемува, а со тоа расте и притисокот на јужната граница на Македонија со Грција. Повеќе стотици мигранти чекаат на влез на неутралната територија меѓу двете земји, а деградираат условите во коишто овие лица чекаат да влезат во Македонија. Едно лице веќе почина.

Невладината организација Легис, којашто секојдевно е ангажирана на теренот, предупредува дека домашните и меѓународни институции би требало многу повеќе да се ангажираат за да се исполнат меѓународните стандарди за прифат на бегалци.

„Не постои законско објаснување зошто луѓето се држат во меѓузоната. Со меѓузоната комплетно потфрливме како човештво, како организации, како систем. Таму има многу бремени жени, болни и изнемоштени. Грчката полиција ги пропушта. Тоа е меѓузона контролирана од две држави.Таму може да влезе само Црвениот Крст“, вели Мерсиха Смаиловиќ од Легис.

Преставникот на канцеларијата на УНХЦР во Македонија, Мохамад Ариф, изјави дека Високиот комесаријат за бегалци го подигнува нивото на итност за состојбата со бегалците.

„Потребен е дополнителен ангажман од оној којшто досега го имавме“, изјави Ариф.

Преставништвото на УНЦХР во Македонија се засилува со повеќе луѓе, одобрени се дополнителни финансиски средства и тоа е подготвено да интервенира, особено во меѓузоната каде што ситуацијата, како што велат активистите, е катастрофална.

Општинските власти во Гевгелија, заедно со претставници на УНХЦР и на Меѓународниот Црвен крст најавија дека ќе градат специјален пункт во градот за мигрантите коишто пристигнуваат преку границата меѓу Македонија и Грција.

Од УНХЦР побарале пунктот да биде лоциран околу автобуската и железничката станица во Гевгелија, со цел да се спречи талкање на бегалците. Таму тие би имале пристап до вода за пиење, а ќе бидат поставени и тоалети, маси и клупи со заштита од сонце.

Градоначалникот Иван Франгов вели дека ист таков пункт треба да биде поставен и во меѓуграничниот простор на Македонија и Грција.

Невладините организации исто така укажуваат на мошне лошите услови во прифатните центри во Македонија и особено оној во скопската општина Гази баба. НОВА ТВ денес објави видео за лошите услови во коишто се сместени имигратните.

Државните институции засега се без коментар за зебелешките и критиките упатени на нивна адреса за третманот на бегалците.

XS
SM
MD
LG