Линкови за пристапност

„Легис“: Македонија не треба да ги задржува бегалците


Самата одлука со која ќе им се даде финансиска подршка на земјите за изградба на кампови кои би ги задржале бегалците, е спротивно на човековите права, вели Мерсиха Смаиловиќ, раководителка на хуманитарната организација „Легис“

Низ Македонија дневно минуваат меѓу пет и седум илјади бегалци од воените жаришта во Сирија и Ирак. Но, меѓу нив голем е бројот и на мигрантите кои го користат овој бегалски бран за да си обезбедат подобра иднина, а кои доаѓаат од земји од Азија и Африка.

Оваа бројка на луѓе кои минуваат низ Македонија се очекува да се зголеми во наредните денови, велат од невладината организација „Легис“.

„Очекуваме бројот да се зголемува или да ја држи истата константа, поради постојаните најавувања за затворање на границите или селектирањето, депортацијата на бегалците кои ЕУ ќе оцени дека доаѓаат од небезбедни земји, како на пример, Авганистан. Мислам дека бегалците од таквите земји ќе итаат да влезат во ЕУ пред ова да биде конечна одлука и став“, вели за Гласот на Америка Мерсиха Смаиловиќ, раководителка на оваа хуманитарна организација.

Нивните прогнози се дека интензивирањето на военото жариште во Сирија дополнително ќе го зголеми бројот на бегалци.

„Разгорувањето на војната во Сирија и нападите од Русија, носат нови жртви, нови боишта, а и нови бегалци. Веќе сретнавме бегалци во Гевгелија коишто ни` кажуваат за стравичните напади од руските воени сили. Се` додека војната трае, ќе има и бегалци“, изјави Смаиловиќ.

Во врска со одлуките донесени на состанокот на највисоко ниво во Брисел, Смаиловиќ смета дека не би требало да биде релевентна за Македонија бидејќи е оценета како небезбедна земја и како таква, сметаат во „Легис“, не би требало да гради кампови за да ги задржува бегалците.

Една од точките на Самитот на ЕУ, беше прецизно насочена кон земјите од Балканот, коишто се дел од транзит рутата на бегалците. Самата одлука со која ќе им се даде финансиска подршка на земјите за изградба на кампови кои би ги задржале бегалците е спротивно на човековите права.

„Македонија е декларирана како „небезбедна земја“ за барателите на азил од страна на ОН, и како таква, нема услови за грижа за бегалците. Да не го заборавиме последниот извештај на Хјуман рајтс воч, каде можеме да прочитаме за ужасни кршења на човековите права, и со нивното задржување во Македонија, кое не би било своеволено, повторно би се кршеле нивните права. Македонија е транзит земја и како таква треба да остане. Финансиски воопшто немаме изграден систем за барателите на Азил“, вели за Гласот на Америка, Мерсиха Смаиловиќ.

Нејзината организација бара ЕУ да ги зголеми квотите за прием и да води поголема грижа за ранливите категории.

„Земјите од ЕУ треба да ги зголемат квотите за прием, да функционираат барањата за азил за бегалци кои спаѓаат во ранливи категории. Инвалидите, децата, бремените жени не смеат да се малтретираат преку Медитеранот, границите, бодликавите жици за да доаѓаат до ЕУ. Мора да постои хуманитарен транзитен пат. Воедно треба да почне да функционира институтот „семејно обединување“, вели Смаиловиќ.

Според оваа хуманитарна организација, состојбата на теренот во моменотов е комплицирана, иако како што велат оттаму, нема поголеми застои во протокот на бегалците.

„Состојбата на терен во последно време добива на една стандардна динамика. Отежнатото движење низ Хрватска и Словенија не се рефлектира врз Македонија, без поголеми задржувања се движат кон Србија. Она што е тешко во овие денови, се бегалците кои имаат дополнителна потреба од топла облека и обувки. А целата грижа е на товар на невладиниот сектор. Но, и бегалците се финансиски целосно исцрпени. Возниот билет од 25 евра, дополнително им го отежнува движењето. Според нашите информации од терен, многу често железници им наплаќаат и билет од 25 евра на малите деца. За едно четиричлено семејство со две мали деца, возењето во валкан воз каде нема ниту место за седење, туку се седи на подот, е премногу - 100 евра“, вели во разговорот за Гласот на Америка, првиот човек на „Легис“, Мерсиха Смаиловиќ која апелира до граѓаните да донираат топла облека за бегалците.

Хуманитарната организација „Легис“ повикува на поголем ангажман на државните институции.

„Се` се одвива премногу бавно, кампот во Гевгелија доцна почна со градбата. Проточна вода има од неодамна, тоалетите со тушеви почнаа да функционираат од пред една недела, иако, бегалците почнаа законски да транзитираат низ Македонија од јуни. Дождот и студот дополнително го отежнуваат престојот и двиежењето во кампот. Регистрацијата на бегалците не се одвива 100% како што е предвидена, често имаме непридружувани малолетници, а социјални работници од Министерството за труд и социјала воопшто не се на терен. Имаме доста работа за институциите“, вели во разговорот за Гласот на Америка, вели Мерсиха Смаиловиќ, директорката на хуманитарната организација „Легис“.

XS
SM
MD
LG