Линкови за пристапност

Нема договор за медиумите, еден од условите за изборите


Скептицизам и во однос на можноста за пречистување на Избирачкиот список

И синоќешната средба на работните групи кои преговараат околу медиумските реформи, за чие усогласување рокот е одамна пробиен, заврши доцна во ноќта, без успех. „Завршија преговорите вечерва. Останува уште долг пат да се изоди“, напиша на Твитер, белгискиот експерт Питер Ванхауте, посредник во преговорите, кој е скептичен во однос на исполнувањето на рокот за регулација на медиумите до петок. Тој и пред средбата не беше голем оптимист, но, иако ноќеска, иронично твитуваше: „Ситуацијата е безнадежна, но, не е сериозна“, сепак, и покрај временскиот теснец, потенцираше дека „ќе дадеме сè од себе да го затвориме и ова прашање“.

По последниот неуспех на преговарачите, се огласија и новинарите. Претседателот на Здружението на новинари на Македонија - ЗНМ, Насер Селмани, и претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници - ССНМ, Тамара Чаусидис, потенцираа дека за нивните здруженија е неприфатлива било која форма на владино рекламирање.

„Штетното влијание на овие реклами е големо. Тие придонесуваат за контролирани непрофесионални медиуми. Со пари на граѓаните се корумпираат медиумите“, изјави Селмани, а Чаусидис потенцираше дека „ако се согласат сите за предлогот за легализирање на владините реклами, се легализира клиентелизам во кој медиумите се бизнис за продавање гласови. Ние сакаме заштита на јавниот интерес, фер конкуренција и еднакви шанси за сите медиуми. Сакаме силни, професионални и економски независни медиуми!“

За медиумските шпекулации дека власта подготвува организирање на нов синдикат во редакциите кои ја подржуваат Владата и дека веќе се делат пристапници, Чаусидис рече дека ССНМ е за синдикален плурализам, но и дека причината за создавање на нов синдикат е во тоа што една од темите за кои се преговара е и улогата на новинарските здруженија.

Паралелно со медиумските реформи, една од преземените обврски за одржување на фер и демократски избори е и пречистување на Избирачкиот список. Иако, поради доцнење со постапката за унифицирање на податоците од разните бази, со таа активност не може да се заврши до 20 февруари кога дипломатските претставници на ЕУ и САД, амбасадорите Аиво Орав и Џес Бејли, кои и синоќа присуствувале на средбата за медиумските реформи, ќе излезат со став дали се исполнети условите за одржување на предвремени избори на 24 април, Државната изборна комисија денес конечно треба да ја започне постапката за тестирање на системот за вкрстување на податоците од 10 релевантни институции. Таа постапка за првите вкрстени проверки треба да трае три дена, по што ќе започне проверката на терен. Но, според, дел од медиумите, од ДИК денес на амбасадорите на ЕУ и на САД, им соопштиле дека се уште не може да се каже кога ќе биде завршено прочистувањето на Избирачкиот список, поради бројните ризици кои не можеле да се предвидат.

Амбасадорот на ЕУ Аиво Орав денес изјави: „На 19 февруари ние ќе ја презентираме нашата оценка. Она што е важно во моментов, ништо не е подготвено. Се` уште немаме оценка. Може да оди во еден или друг правец, се е во рацете на партиите... Од една страна, да - 24 април е во Договорот од Пржино како датум за предвремени избори. Но, од друга страна, имаше многу одложувања во спроведувањето на Договорот од Пржино, така што сите се во право“, смета Орав.

Известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл, пак, изјавил според МИА, дека датумот на изборите е утврден со Договорот од Пржино и тоа е 24 април, но дека Договорот треба да се спроведе и во неговите останати делови. „Тоа значи сериозни и длабоки реформи на различни подрачја, а како почеток ДИК мора да даде уверение дека постојат услови за тоа изборите да бидат транспарентни, демократски и во согласност со високите услови што земјите-кандидати мораат да ги исполнуваат, а кои се стандарди на Европската унија", изјавил Вајгл.

Од друга страна, покрај роковите, проблем за функционирањето на ДИК е и тоа што Специјалното обвинителство минатата недела соопшти дека е „отворена истрага и против четири членови на ДИК од 2013 година, за кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, од член 353 од Кривичниот законик, а дел од медиумите шпекулираа дека дел од осомничените, се членови и на актуелниот состав на Комисијата. Ако е тоа точно, истрагата ја поткопува кредибилноста на еден или повеќе членови на ДИК со сомнежот дека и досега учествувале во изборен криминал.

XS
SM
MD
LG