Линкови за пристапност

Морс: Македонската Влада ја искористи политичката поделеност во земјата за да ја преземе контролата врз медиумите

  • Јулија Велковска

Зајакнувањето на независните медиуми е клучен елемент на демократските системи и е дел од еден мошне долгорочен напор, беше речено на панел-дискусијата што се одржа во Вашингтон

„Работење кон подобри медиуми: Поуки од Централна и Југоисточна Европа“, беше темата на панел-дискусијата во приватната, непрофитна фондација Национално потпомагање за демократија, со седиште во Вашингтон. Додека Украина, Молдова и Албанија преземаат важни чекори кон закрепнување на демократската транзиција и се` поголемо придвижување кон Запад, Белорусија, Босна и Македонија, не само што немаат демократски напредок, туку назадуваат.

Изминативе неколку години е забележано опаѓање на поддршката од донации за медиумите во земјите каде своевремено имаше услови за напредок, беше фокусот на дискусијата во организација на Центарот за меѓународна помош за медиуми (ЦИМА), и ИРЕКС, меѓународна непрофитна организација, којашто се занимава со промоција на позитивни и долготрајни промени. Меѓу тие земји е и Македонија. На прашање на Гласот на Америка на македонски да го коментира делот од неодамнешниот извештај на овој Центар во соработка со Светската новинска издавачка асоцијација, дека медиумите во Македонија се, цитираме, заробени од страна на државата, Лион Морс, заменик-директор на ИРЕКС, изјави:

„Освен економските проблеми, силен е и политичкиот фактор. Грчката блокада за влез на Македонија во НАТО, и политичката промена и поделеност што следеше потоа, креираше ситуација во која Владата и политичарите мошне брзо и со умисла, ја искористија ситуацијата за да преземат контрола врз информативниот простор, додека медиумите кои не се провладино ориентирани, се соочуваа со банкрот“.

Морс зборуваше и за, цитираме, оневозможувањето на работата на локалните емитувачи од страна на кабловските станици. Како резултат, бројни медиуми го загубија својот глас и публика, вели тој, а дополнително ситуацијата се усложнува со користењето на политичките средства за купување медиумски простор за реклами.

„Важно да се нагласи дека во секоја од земјите во регионот, постојат одлични новинари, кои знаат како треба да изгледа еден високо квалитетен извештај и честопати, вршејќи ја својата задача, го ризикуваат својот живот. Ова е случај и со Македонија. Новинари добиваат закани, бидејќи обелоденуваат информации за корупција или злоупотреба на функција на одредени политичари. Затоа, јавноста треба да обезбеди поддршка“, истакна овој експерт.

Едно од решенијата, за како што ја нарече, опасната ситуација на медиумска контрола на политичките сили во Македонија и во некои од соседите, тој го гледа во посилен ангажман на пошироката јавност:

„Јавноста треба да согледа каква информација ги задоволува нејзините потреби и да го поддржи квалитетното известување. Дали тоа ќе биде преку изразување незадоволство кога новинарот е под закана или напад, или обезбедување финансиска поддршка во рамки на можностите, крајната цел е да се застане зад високо квалитетното новинарство, коешто постои“, рече Морс.

Како уште еден од начините за подигање на јавната свест, Морс ја издвои таканаречената медиумска писменост.

„Образовниот систем овде треба да одигра улога. Децата уште од мали нозе треба да имаат одредена основа како треба да изгледа веродостојно известување, бидејќи токму тие еден ден, можеби нема да станат новинари, но ќе станат поединечни конзументи на информацијата и притоа, како граѓани на тоа општество, подобро да евалуираат и да оценат дали се` што е објавено на Интернет, е всушност точно“.

Вјолца Штула, потпретседателка за развој при Меѓународниот центар за новинари, во тој контекст ја потенцираше важноста од подигање на свеста за правилна перцепција на информациите објавени на Интернет, особено на социјалните мрежи, и способноста за разграничување на вистината од заблудата.

„Слаба медиумска писменост, слаби правни регулативи, недостаток на транспарентност на поседување, особено на пазарот за рекламирање, се неколку основни предизвици за земјите од регионот“, кажа Шенон Мегјур, советничка за медиумски развој во Бирото за Европа и Евроазија при УСАИД, која нагласи дека настапува со лични ставови. Ставајќи акцент на истражувачкото новинарство и досега постигнатиот напредок, Мегјур беше категорична дека мора и натаму да се повторува пораката дека зајакнувањето на независните медиуми е клучен елемент на демократските системи и е дел од еден мошне долгорочен напор.

XS
SM
MD
LG