Линкови за пристапност

Што е „погрешно“ кај породилното отсуство во Македонија?

  • Синиша Станковиќ

По граѓанската иницијатива за продолжување на породилното отсуство, Гласот на Америка на македонски разговараше со експерти за насоката во која сметаат дека треба да се реформира легислативата.

„За мене, прашањето на породилното отуство се однесува на два реални проблема во областа на јавните политики. Најпрвин, системот на породилно отсуство во Македонија е поставен на погрешна премиса - ѝ се дава отсуство на жената заради породување и/или заради грижата за бебето? Имено, два вида на платено отсуство се комбинираат во нашиот систем на породилно отсуство: прво, породилно отсуство од работа како медицинско отсуство заради медицинската состојба на жената по породувањето, кое според протоколите во здравството, трае 40 дена и наменето е за закрепнување на жената во фазата на леунство по породувањето; и второ, отсуство заради грижа за дете во првите месеци на животот, каде не постои медицинска состојба заради која е потребно да отсуствува мајката од работа. Од таа причина е проблематично, вториот тип на отсуство воопшто да го нарекуваме породилно отсуство, и надоместокот од плата да биде покриен од буџетот на ФЗО, затоа што нема медицинска состојба, потреба од нега за мајката…“, ни изјави д-р Марија Ристеска, директорката на Центарот за истражување и креирање политики.

Имено, група граѓани поднесе иницијатива до Собранието на Македонија за продолжување на породилното отсуство на вработените мајки, од актуелните 9, на 18 месеци. Собрани се 218 потписи на граѓанки и граѓани, кои бараат измени во членот 165 на Законот за работни односи, што го дефинира породилното отсуство. Потписниците на иницијативата сметаат дека породилното отуство од 18 месеци би требало да го користат сите вработени мајки, а не само жените кои родиле близнаци, тројки или повеќе деца.

Иницијаторите се децидни дека продолженото породилно отсуство е неопходно пред сé, за жените со патолошка бременост, кои боледувањето го започнуваат неколку месеци пред раѓањето, како и за останатите мајки, со оглед на фактот дека во бројни случаи, периодот на доење на бебето трае подолго од девет месеци, по кои, мајката мора да се врати на работа.

Според д-р Ристеска, „вториот проблем се однесува на вредноста која се шири со ваквиот концепт на отсуство. Имено, платеното отсуство од работа се дава на мајката, а со тоа и грижата за детето се префрла исклучиво на мајката (нашето законодавство дополнително ја штити работничката, како мајка, во првите три години од животот на детето, а такви права нема, на пример, таткото кој исто така, станува родител со раѓањето на детето), наспроти еднаквите родителски права и обврски на мајката и таткото врз детето кои се регулираат со Уставот... Односно, концептот на породилно отсуство не овозможува еднаков режим меѓу двајцата родители. Товарот на родителство и грижа, системот го става на мајката и тоа се рефлектира во сите сфери од протоколи кој може да биде придружник на дете во случај на негова хоспитализација, до резултати како, на пример, жените се најголем број на крисници на боледување заради грижа за член на семејство.... Ова има неверојатно влијание врз еднаквите можности на жената да напредува на работното место (бројот на жени на раководни функции и во политика е многу мал), да заработува еднакво како и мажот (јазот меѓу платите изнесува 10.3%) и да живее достоинствен живот во поодмината возраст (затоа што боледувањата ја намалуваат основицата на пензијата, а жената во Македонија, во просек, живее најмалку пет години подолго од мажот, што значи, ќе живее барем пет години во сиромаштија)“.

Ана Василева, активистка за женски права и за родова рамноправност, за Гласот на Америка на македонски јазик, за ова прашање изјави:

„Во врска со иницијативата за продолжување на породилното отсуство од 9 на 18 месеци, сметам дека она што во моментов, е најпотребно, и далеку многу поважно, е законот да ги опфати и невработените мајки, односно, да се исплаќа родителски надоместок во висина од најмалку една просечна плата. Немањето лични финансии при одгледување на бебе и мало дете, жените ги става во многу лоша положба и ги прави потенцијални жртви на родово-засновано насилство. Понатаму, мислам дека од многу поголема важност е што поскоро да се воведе задолжително, најмалку тримесечно отсуство за татковците (партнерите), имајќи го предвид доброто на детето кое ќе добие внимание од двајца возрасни, позитивно ќе влијае на промена на родовите стереотипи,. Оваа мерка секако би ја подобрила и положбата на жените на пазарот на трудот, и би влијаела превентивно на дискриминацијата на жени по основ на бременост и родителство“.

Според Василева, „ако претходно се остварат овие два предуслова, не мислам дека е лошо да се продолжи времетраењето на родителското отсуство, дури и до тригодишна возраст на детето, но да се најдат законски механизми: тоа да не биде задолжително, туку по желба на самата жена, да се даде можност за флексибилно работно време и работа од дома, и секако, жената да може во секој момент да го прекине отсуството ако смета дека тоа решение би било подобро за неа и за нејзиното семејство“.

Д-р Ристеска смета дека е потребно родителско отсуство со нови, еднакви можности, права и обврски и за таткото и за мајката на бебето.

„Инаку таткото е дискриминиран родител заради тоа што нема, или има ограничено право да се грижи за своето новородено бебе. Разбирливо е зошто на мајката - доилка во првите шест месеци во животот на бебето, кога се препорачува ексклузивно доење како исхрана на новороденчото, треба да ѝ се даде отсуство од работа ако се има в предвид биолошката функција на доење. Ама неразбирливо е зошто на таткото не му се даваат задолжителни три месеци отсуство ако со престанокот на оваа функција и воведувањето на друг вид на исхрана се отвара можноста за бебето да се грижат и други. Конечно, предлогот за продолжување на породилното отсуство до една година, нема да доведе до поголема продуктивност на македонската економија, ниту ќе промовира нови вредности на еднаквост меѓу мажот и жената, и јас сум против истото, доколку не се трансформира во родителско отсуство каде и таткото добива право и обврска да се грижи за бебето од рана возраст“.

XS
SM
MD
LG