Линкови за пристапност

Ѓомлезе за „Патувачкото кино”


Фото: Сандра Јовановска и Сашо Н. Алушевски
Фото: Сандра Јовановска и Сашо Н. Алушевски

Ентузијастите од фестивалот „МакеДокс“, по шести пат годинава, прикажуваа филмови во десет македонски села во кои никогаш не постоело кино!

“Целта на Патувачкото кино, како неразделен дел од фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, е непосредно да влијае во процесот на децентрализација на културата во државата и да се овозможат кинопроекции во мали и рурални места. Мисијата на Здружението за промоција на документаристиката „МакеДокс“, како организатор на Фестивалот, е презентација на креативната документаристика, едукација на млади филмофили, ширење на етичките идеи и одржување и развој на човековите права“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик Тони Димков од здружението „МакеДокс“, кое годинава по шести пат го организираше „Патувачкото кино“, што од 10 до 22 август, патуваше низ областа Дебарца.

„Патувачкото магаренце“ на „МакеДокс“ посети десет села од оваа област и им овозможи на граѓаните од тој регион синеастичко доживување со документарни филмови од програмата на Фестивалот. на креативен документарен филм „МакеДокс“, што под мото „Рум-да-да, дум-та-дум-та!“, се одржа од 20 до 26 јуни 2015 година, во Куршумли-ан и во Младинскиот културен центар во Скопје.

„Патувачкото кино“ веќе шеста година ги посетува подзаборавените, а восхитувачки убави региони во Македонија, за непосредно да влијае врз процесот на децентрализација на културата во државата и да овозможи кинопроекции во мали и рурални места, кадешто жителите немале можност за синеастичко доживување повеќе од 40 години. Годинава, со поддршка на Агенцијата за филм и во соработка со Кинотеката на Македонија, „Патувачкото кино“ со многу ентузијазам, волја и сопствено вложување, за 12 дена организираше десет проекции на документарни филмови во областа Дебарца, во десет села: Волино, Белчишта, Издеглавје, Мешеишта, Слатино, Ботун, Злести, Оровник, Лешани и Велмеј.

Во една од хрониките на шестото патешествие на ентузијастите - културни дејци кои на единствен начин ја прошируваат дефиницијата на културата и на активизмот, се објаснува дека ни временските неприлики не биле пречка за проекциите: „Почекавме половина час да се подобрат временските услови, бидејќи не сакавме да ја разочараме трпеливата и бројна публика, а единствената можност да имаат кино во своето село, да биде спречена од дожд“. Во селото Велмеј, на пример, откако на проекцијата дошле „речиси сите мештани, и млади и стари, како чин на взаемна почит и почеток на нови пријателства меѓу “Патувачкото кино’ и велмејци“, им била организирана и софра: „Велмешки грав приготвен на два начина придружен со салата, ѓомлезе и специјално направен селски леб, ги пречекаа гостите од “Патувачкото кино’ во Велмеј“.

Според нашиот соговорник Димков, на „Патувачко кино“ оди дел од екипата што го организира фестивалот во Скопје. „Нема селекција, туку членовите на екипата по свој избор, со сопствен ентузијазам и волја да патуваат со киното, се изјаснуваат дали можат и дали сакаат да одат. Најчесто се собираат околу 20-тина луѓе од сите сектори на фестивалската организација, од раководство, техника, ПР-сектор до волонтери. На ’Патувачко кино’ сите имаат ист статус, сите работат за својот сектор, но и за заедничките логистички потреби.

Првите две години ’Патувачкото кино’ одеше низ градовите и поголемите села низ Македонија, а потоа беше решено да се продолжи со регионален пристап. Така, во последниве четири години ’Патувачкото’ кино беше во Малешевијата, во селата на брегот на Преспанското езеро, во Демир Хисар и оваа година во Дебарца. Откако ќе биде избран регионот, двајца скаути го маркираат теренот и селектираат каде ќе биде сместена екипата и во кои села ќе се прикажуваат филмовите. Тоа зависи најмногу од неопходната инфраструктура во селата, односно, да има струја, вода, пристапен пат, да има каде да се постави филмското платно. Екипата е сместена во еден базен камп, а за проекциите патува до избраните села. Оваа година екипата беше сместена во манастирот „Света Недела“ што се наоѓа над селото Оровник, како најужно село во општината Дебарца“.

За посетите и проекциите во секое од селата, ентузијастите подготвуваа и видео хроники на „Патувачкото кино“ кои се објавуваа на видеоканалот на „МакеДокс“ на Јутјуб (https://www.youtube.com/watch?v=UhbBAJGU02Y)

Според Димков, клучен момент на ’Патувачкото кино’ е токму комуникацијата. „Од една страна, екипата што го организира фестивалот подобро се запознава меѓусебно и учи како да функционира во екстремни услови, бидејќи често се случува во селата да снема струја или вода, да е студено или да врне дожд, а во некои места тешко се стигнува и до Интернет. На некој начин, тоа е процес на ’тим билдинг‘, кога сите треба да се снајдат да ја завршат својата работа во дадените услови.

Од друга страна, уште поважна е комуникацијата со мештаните, бидејќи целта не е само да направиме проекција и да се вратиме во базниот камп, туку да научиме нешто повеќе за селото, да ги слушнеме приказните и да ги разбереме проблемите на луѓето во селото. Колку подлабока комуникација остваруваме со мештаните, толку поубава проекција имаме во селото. Мештаните често се изненадени од нашето присуство, благодарни што барем за една вечер им го менуваме секојдневниот ритам, но и љубопитни каква филмска програма ќе прикажеме. Сите тие впечатоци потоа влегуваат во нашите извештаи, билтени и видеохроники кои ги подготвуваме за секое село што сме го посетиле. Најсреќни сме кога радоста по проекцијата на филмовите е взаемна, кога се задоволни и екипата и мештаните. Во такви услови филмската уметност е само надградба на веќе остварената комуникација“, изјави Димков за Гласот на Америка на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG