Линкови за пристапност

Лимоните безбедни, наведува Агенцијата за храна и ветеринарство


Реагира на медиумските наводи дека овошјето од Турција e третирано со средството имазалил, штетно по здравјето

Лимоните што се продаваат во Македонија се безбедни по здравјето - се огласи денеска Агенцијата за храна и ветеринарство, во обид да ја смири јавноста поради информациите дека едно од најупотребуваните овошја на македонскиот пазар, особено во зимскиот период, е со сомнителен квалитет.

„Страшно: Лимонот поевтини, ама е отровен“ и „Внимавајте: Еве зошто толку нагло поевтини лимонот“, се само некои од бомбастичните наслови во дел од домашните медиуми, пренесувајќи ја информацијата од хрватски и српски медиуми, дека се работи за овошје со потекло од Турција третирано со средството имазалил, исклучително штетно по здравјето.

„Досега ниту со еден резултат од испитаните мостри цитрусно овошје, вклучително и на лимони кои во државава се увезуваат од Република Турција, не се евидентирани отстапувања во поглед на безбедносните критериуми за увоз на агруми“, стои во соопштението од Агенцијата за храна и ветеринарство. Агенцијата додава дека нема добиено ниту известување преку Системот за брзо предупредување за храна и храна за исхрана на животни (РАССФ) на Европската унија дека се увезени небезбедни лимони од Република Турција.

„Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вршат континуирани контроли на пратките со цитрусно овошје кои се увезуваат во Република Македонија, вклучително и на увозот на лимони од Турција со земање мостри и вршење лабораториски испитувања“, наведува Агенцијата и информира дека по изнесените наводи ќе ги засилат инспекциските контроли кај увозниците на јужно овошје и во внатрешниот промет.

Паниката ја покрена информацијата дека во продавниците во Србија пристигнале лимони од Турција, на чија декларација со ситни букви стоело да не се употребува кората, бидејќи е третирана со имазалил, средство што се користи за прскање на кората на јужното овожје за подолго задржување на бојата и свежината, а што, според Интернет-пишувањата, е канцерогено ако се користи во големи колични, а посебно е штетно за нервниот систем. Дополнително, сомневањата во квалитетот ги зголеми и падот во цената – од 155 денари на 75 денари за килограм. Но, сите продавачи со кои разговаравме без исклучок тврдат дека лимоните што претходно се продавале по двојно повисока цена биле од Јужна Америка, а овие се увезуваат од Грција и Турција, со што и трошоците за увоз се помали.

Според Агенцијата за храна и ветеринарство, од почетокот на годинава заклучно со септември, на македонскиот пазар увезени се 4.784.014 килограми лимони, со потекло од Грција, Шпанија, Бразил и Италија. Во истиот временски период, само од Турција се увезени 2.913.823 килограми.

XS
SM
MD
LG